Османи со нов обид да ги поврзе Софија и Тирана
Дипломатите го поздравуваат предлогот на Скопје за најновата „Иницијатива 8“, додека стопанствениците се скептични дека ќе има видливи резултати за бизнисот
„Иницијатива 8“ е името на најновиот предлог на македонските власти за политичко и економско продлабочување на односите со Софија и Тирана. Според министерот за надворешни работи, Бујар Османи, главната цел е интензивирање на инвестициските проекти долж коридорот од Црно до Јадранско море, иако во предлогот на МНР се вели дека оваа иницијатива меѓу трите земји би била и политичка платформа што ќе резултира со јакнење на довербата меѓу народите.
Сепак, Османи потенцира дека оваа иницијатива воопшто не е поврзана со разговорите за надминување на спорните прашања со Бугарија и откочување на евроинтегративниот процес за земјава. Тој додава дека тука акцентот ќе се стави на отстранување на пречките поради кои стагнира работата на Коридорот 8.
-Ова, секако ќе резултира и со зајакнување на довербата меѓу нашите народи, како основен столб во изградбата на заемното долгорочно пријателство. Како предводници на дипломатиите во трите држави на Балканот, членки на НАТО, преку кои се поврзува Јадранското со Црното море, како претставници на земјите кои го поврзуваат истокот со западот на Балканот, сметам дека имаме обврска да ги премостиме географските, историските и политичките бариери кои го отежнуваат поврзувањето и ја обременуваат подлабоката соработка, нагласува Османи во писмото испратено до бугарската колешка Екатерина Захариева и албанската шефица на дипломатијата Олта Џачка. Оттаму пак засега нема одговор на предлогот на Османи.
Сепак, дипломатот Ѓорѓи Филипов вели дека оваа иницијатива ќе претставува позитивен исчекор во понатамошниот тек на дипломатските активности за отпочнување на преговорите со Европската унија. Прашан што би се разликувало од оние иницијативи, во кои веќе членуваат трите земји, како што е Берлинскиот процес, тој истакнува дека е добро што еден ваков предлог овој пат доаѓа од страна на Скопје.
– Северна Македонија покажува проактивност и порност во изнаоѓањето адекватни пристапи кон решавањето на новоискрснатите прашања на патот до ЕУ. Иницијативата е во согласност со целите на Берлинскиот процес, како и со принципите на НАТО за меѓусебна соработка на земјите членки, а особено е во согласност со Договорот за пријателство, кадешто обврската за реализација на патниот правец од Коридор 8 ги тангира подеднакво трите земји, но и целата Европска унија, смета амбасадорот Филипов.
Од друга страна, што се однесува до инфраструтурното поврзување меѓу земјите, стопанствениците се скептични дека со најновата иницијатива ќе се даде и дополнителен импулс на економиите, особено за проектите од Коридорот 8, кои стагнираат со години.
-За бизнисот да може успешно да функционира треба да бидат решени и сите политички прашања, кои во голема мера имаат импликации на стопанството. На самиот Коридор слабо се работи и од наша и од бугарска страна. Македонската страна, иако во мала мера, се нафати да ја активира работата на пругата. Колку што сум информиран се изготвува тендер за железницата, со кој еден економски оператор ќе ги опфати делниците. Но и од бугарска страна треба да се работи. Не се отпочнати со изградба на стоте километри автопат до македонската граница, притоа имајќи далеку поголеми ресурси и европски фондови на располагање, оценува претседателот на Македонско-бугарската стопанска комора, Кирил Лазаров.
Претходно властите потврдија дека кон средината на март може да се очекува распишување на тендерот за втората и третата делница од пругата кон Бугарија, кој би тежел околу 600 милиони евра.