Османи: Процесот на проширување на ЕУ нема алтернатива

Процесот на проширување на ЕУ нема алтернатива. И кога велам нема алтернатива не мислам само за нас за земјите од Западен Балкан, туку и за нив државите од ЕУ. Без разлика на предизвиците со кои сме соочени, без разлика на актуелната политичка конјуктура, процесот на заокружување и комплетирање на ЕУ е неминовност и затоа тука не се поставува прашањето дали, туку кога.

Ова го порача шефот на дипломатијата Бујар Османи на заедничката прес-сконференција днеска во Подгорица со неговиот домаќин и црногорски колега Ѓорѓе Радуловиќ

– Процесот на проширување на ЕУ или поточно да се изразам на комплетирање на ЕУ нема алтернатива. Ако ги погледнеме границите на ЕУ ќе забележиме дека Западниот Балкан е заокружен со земји членки на ЕУ, споделуваме заедничка традиција, заедничко културно и историско наследство. Денеска ги споделуваме и истите заеднички интереси и предизвици, како и земјите на ЕУ. Истовремено сите имаме заеднички амбиции за иднината на обединета Европа, а тоа е безбедна, стабилна и просперитетна иднина на ЕУ, рече шефот на дипломатијата, Османи.

Во контекст на оваа тема, додаде тој, ние Црна Гора ја гледаме како убав пример, вистински претходник во процесот на преговори и приближување кон ЕУ. Порано како предводник на европските интеграции на Северна Македонија, а денес како шеф на дфипломатијата продолжувам со размена на информации и искуства и со амбиција да стекнеме што повеќе од црногорското искуство во процесот на преговорите со ЕУ за да поподготвени го пречекаме почетокот на преговорите, истакна Османи.

– Со оглед на напредокот и подготвеноста сметам дека Северна Македонија требаше да ги почне преговорите за време на германското претседателство минатата година и овој неуспех го сметам во најмала рака заеднички неуспех и на ЕУ иако тоа беше силна порака која предизвика длабоко разочарување, но сепак тоа не не обесхрабри и како што гледате активно продолжуваме да придонесуваме во европската идеја на Балканот и за европската перспектива како на нашата земја така и на целиот регион, рече Османи.

Тој се осврна и на како што рече охрабрувачките пораки од португалското претседателство со ЕУ во однос на почетокот на преговорите со Унијата

– Исто така, овде во Подгорица со нашите сојузници во НАТО ги отвораме темите за нашата соработка и за нашиот иден сојуз, тоа е ЕУ. Имаме охрабрувачки пораки за проширување од страна на високите претставници од Португалија, следи претседателството на Словенија во втората половина од годината која што не само што е земја непосреден сосед во регионот, туку и земја која е гласен поддржувач на процесот на проширување, нагласи Османи.

Тој изрази очекување дека пандемијата ќе го намали својот интензитет со што оваа година ќе можеме и да ги ревитализираме регионалните иницијативи коишто, за жал, според него, поради оваа криза мораа да влезат во втор план.

– Оттука, секако и иницијативата од Берлинскиот процес, заедничкиот регионален пазар, дигиталното поврзување, зелените коридори, зелената агенда ефективното искористување на економскиот инвестициски план за Западен Балкан чијшто финансиско-инвестициски микс достигнува и до 25 милијарди долари за регионот и кој претставува најсилен потенцијал за конвергенција за земјите од регионот, истакна Османи.

Тој нагласи дека Црна Гора била и останува наш добар пријател и сојузник, а пријателството меѓу нашите две земји не е само како спомен од минатото, туку и како аманет за генерациите коишто доаѓаат после нас.

– Верувам дека претстојат подобри времиња, економска обнова, успешен развој на регионалната соработка и вистински успех на европската перспектива на регионот, порача Османи упатувајќи покана за возвратна посета до неговиот црногорски колега Радуловиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот