Османи откри содржина на предлог што Македонија го отфрлила: Захариева барала да објаснуваме зошто постоиме!?

Бујар Османи и Екатерина Захариева, Фото: Архива

Лани во декември министерката Екатерина Захариева понудила договор за надминување на спорот, но го одбивме затоа што две точки беа неприфатливи, се бараше да потпишеме дека македонскиот јазик произлегува од бугарскиот, а дека нацијата произлегла од обидот за ослободување од Отоманската империја, вели министерот Бујар Османи.

Претседателот на СДСМ и мандатар Димитар Ковачевски е на „иста линија“ со бугарскиот премиер Кирил Петков кога станува збор за проширена соработка меѓу Скопје и Софија и зближување преку бизнисот, културата и инфраструктурните проекти, како можност за трајно решение на спорот што Бугарија ѝ го наметна на Македонија пред почетокот на преговорите за влез во ЕУ. Се очекува во втората половина на јануари, штом се формира новата влада на чело со СДСМ, Петков да допатува во Скопје и на првата средба двајцата нови премиери да се обидат да трасираат поинаков пат со кој блокадата ќе се надмине, а истовремено ќе се испочитуваат националните интереси на двете земји.

Ковачевски: Решение во европски дух

Мандатарот Ковачевски смета дека историјата не може да биде единствена тема на разговор меѓу две соседни држави.

– Со Бугарија треба да разговараме и за иднината, иднина преточена во инвестициски проекти, во инфраструктурни проекти, во економска и културна соработка. Тоа ќе ги зближи граѓаните, а ќе донесе и економски придобивки за граѓаните, преку зголемената економска соработка. Така што, нормално е да разговараме на тие теми, нормално е да имаме стручни работни групи по тие теми – рече тој за „Сител“.

Според него, разговорите треба да се водат и решението треба да се бара во духот на европските вредности.

– Ние како држава имаме свои позиции изградени во Собранието, Бугарија исто така има изградено свои позиции. Во рамките на европските вредности, почитувајќи го достоинството на двете држави сметам дека може да се најде решение и да ја почнеме првата меѓувладина конференција – рече Ковачевски.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска повторно порача дека Македонија заслужила да ги почне преговорите со Европската Унија и дека „не треба да оставиме простор за полека ова прашање да се претвори во замрзнат конфликт.

– Кон средината на јануари за прв пат по осум месеци ќе имаме две политички влади во двете држави коишто имаат спор. Самото тоа по себе дава подобра можност за суштински разговори и надминување на разликите. Очекувам најавената посета на Петков да се реализира уште во јануари и тоа ќе утврди една динамика, предвидливост за наредниот период – порача Османи.

Захариева ни дала непристојни предлози

Шефот на дипломатијата откри дека лани во декември тогашната негова бугарска колешка Екатерина Захариева понудила договор за надминување на спорот, но македонската страна го одбила затоа што две точки не биле прифатливи.

– Се бараше да потпишеме дека македонскиот јазик произлегува од бугарскиот, а дека нацијата произлегла од обидот за ослободување од Отоманската империја – рече Османи.

Министерот додаде и дека засега нема идеја за потпишување на нов договор со источниот сосед.

Во сила сè уште е предлогот на португалското претседателство, кој формално не е отфрлен од Бугарија, а за нас тоа е единственото нешто што можеме да го прифатиме, вели министерот Османи.

Според него, консолидирањето на бугарското малцинство повеќе е излезно решение, отколку наметнување на ирационална вистина.

– До членството на Северна Македонија во ЕУ сме подготвени да ја внесеме бугарската и хрватската заедница во Уставот. Прашањето за почитување на човековите права е наша најголема сила – рече Османи.

Во врска со прашањето дали Албанија би излегла од пакетот и би започнала преговор самостојно, доколку Северна Македонија остане блокирана, смани рече дека досега Тирана јасно изразувала поддршка и не бара исклучување од пакетот.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски предупреди дека тие нема да поддржат никакво решение со Софија ако задира во македонскиот идентитет.

– Како сакате наречете ги тие иницијативи, 5 плус 1, 6 минус 2, 12 плус 3, тоа е парада позади завесата. Таму стои документ кој што тие го нарекуваат Резолуција на бугарскиот парламент. Тоа е основата, тоа е суштината на проблемот. Овие инцијативи, ако сакате да бидеме наивни или да се правиме наивни, тогаш да веруваме – рече Мицкоски за Македонското радио.

Тој апелира министерот за надворешни работи да ги информира пратениците што се преговара со Бугарија, за да се реши спорот.

– Пратеникот Антонио Милошоски, кој претседава со Комисијата за надворешни работи во Собранието, веќе има упатено покана до министерот Османи да дојде и пред пратениците да објасни во каква насока ја води дипломатијата и да даде определени детали за каков договор се преговара. И добро е да каже колку народни пари потроши Владо Бучковски патувајќи наваму-натаму изминатава година, затоа што очигледно е дека тие патувања претставуваат мини екскурзии без никаков бенефит за граѓаните – рече Мицкоски.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот