Османи од утре на дипломатска турнеја: Ќе ги посети Прага, Букурешт, Будимпешта и Виена

Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи од утре заминува во посета на Прага, Букурешт, Будимпешта и Виена, како дел од дипломатската турнеја за посета на поширокото соседство на Западниот Балкан.

Како што соопшти МНР, Османи утре ја започнува турнејата со работна посета на Чешка, каде ќе има средба со чешкиот министер за надворешни работи Томаш Петжичек, а ќе се сретне и со државниот секретар за ЕУ прашања во Канцеларијата на премиерот Андреј Бабиш, Милена Хрдинкова.

На 16 декември, шефот на дипломатијата заминува за Романија каде ќе разговара со неговиот колега и домаќин, министерот за надворешни работи Богдан Ауреску, а ќе оствари средба и со привремениот романски премиер Николае Чука.

Во Унгарија на 17 декември Османи ќе се сретне со неговиот домаќин, министерот за надворешни работи и трговија Петер Сијарто. За време на престојот во Будимпешта, Османи ќе има средби и со советниците за надворешна политика на унгарскиот премиер Виктор Орбан, Јанош Бала и Јанош Мате.

Османи на 21 декември ќе ја заокружи мини-турнејата со посета на Виена каде ќе се сретне со австрискиот колега Александар Шаленберг, а превидена е и средба со министерката за Европа во рамките на Кабинетот на Канцеларот на Австрија, Каролине Едштадлер.

– Работните посети на Османи на овие земји доаѓаат веднаш по одржаните состаноци и совети на Европската Унија со цел да ја реафирмира поддршката за европската перспектива на Република Северна Македонија. На агендата на разговорите ќе се најдат прашањата за билатералните односи, со посебен акцент на соработката на економски и трговски план, а ќе бидат разгледани и повеќе актуелни теми врзани со соработката во рамките на НАТО и во меѓународните организации, најновите состојби во регионот, како и други актуелности од меѓународната политика, наведуваат од МНР.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот