Османи од Рим: Унапредување на добрососедските односи и регионалната соработка во функција на европската перспектива

Земјава цврсто останува на определбата за полноправно членство во ЕУ, а сите нејзини дипломатски напори се насочени кон унапредување на добрососедските односи и регионалната соработка во функција на европската перспектива. Тоа е висок приоритет и на нашата надворешна политика.

Ова е пораката што ја испрати вчера министерот за надворешни работи, Бујар Османи на средбите во Рим со високите италијански претставници и со секретарот за односи со државите на Светата Столица, монсињор Пол Ричард Галагер.

Османи рече дека европските реформи во Северна Македонија мора да продолжат, особено во областите на владеењето на правото и во борбата против криминалот и корупцијата.

На средбите беше изразена согласност дека отворањето на пристапните преговори ќе донесе повеќекратна корист, како за Северна Македонија, така и за регионот, но и за кредибилитетот на заложбите на ЕУ за довршување на процесот на европското обединување.

– Остануваме цврсто на патот на европските интеграции. Европските реформи мора да продолжат, особено во областите на владеењето на правото, со видливи резултати и во борбата против криминалот и корупцијата. Ние мора целосно да ја завршиме и нашата подготовка за почеток на преговорите, да ја дооформиме преговарачката структура, да ги зајакнеме капацитетите за преговарање; исто така, мора да продолжи усогласувањето со европските правила и стандарди во рамките на процесот на Стабилизација и асоцијација, да продолжи и имплементацијата на европското законодавство, како и да продолжат сите оние активности кои условно имаат европски контекст, рече Османи на средбата со својот италијански колега Луиџи ди Мајо.

Фокусот на разговорите беше ставен и на европскиот кредибилитет во регионот тесно поврзан со кредибилитетот на процесот на проширување, на усогласувањето на Преговарачката рамка за Северна Македонија, како и на силната и активна италијанска поддршка за почеток на преговорите за нашата земја.

Стана збор и за економската соработка. Османи потсети дека Италија во континуитет е меѓу десетте топ земји според големината на трговската соработка со Северна Македонија, која надминува половина милијарда евра, а во 2019 година била дури 720 милиони евра.

На средбата со секретарот за односи со државите на Светата Столица, монсињор Пол Ричард Галагер акцент беше ставен на перспективата на меѓусебните релации и проактивната улога на нашата земја во промовирањето на меѓурелигискиот дијалог и почитувањето на верските слободи.

Соговорниците се согласија дека историското апостолско патување на Папата Франциско во Република Северна Македонија во мај 2019 година, донесе нова димензија во речиси тридецениските односи, исполнети со пријателство и заемна почит.

Беа разгледани и можностите за интензивирање на секторската соработка меѓу двете земји, пред сè, во сферата на културата, заштитата на културно-историското наследство, образованието и здравството.

– Сите дипломатски напори и висок приоритет на нашата надворешна политика се насочени кон унапредување на добрососедските односи и регионалната соработка, во функција на обезбедување европска перспектива како за Северна Македонија, така и за целиот регион. Темелите на нашето уредување, како мултиетничко и мултиконфесионално општество, претставуваат вредносен модел кој е дел од системот на вредност на западната цивилизација, истакна Османи, при што беа поздравени нашите напори и беше изразена надеж дека интеграцијата на Северна Македонија ќе се развива на начин што ќе биде од полза за целиот Западен Балкан.

Во рамки на работната посета на Рим, шефот на дипломатијата се сретна и со наши иселеници. Во разговорите со нив беа продискутирани темите кои се од интерес за дијаспората, но беше нагласена и важноста на пописот.

– Разговаравме и за други теми од интерес на дијаспората, за нивните загрижености, потребите, но и за можностите за унапредување на комуникацијата со државата, можностите за унапредување на достапноста на услугите кои ги користат граѓаните во странство, како и потенцијалите за нивно враќање во Северна Македонија, напиша Османи на својот Фејсбук профил.

Посетата на Османи на Италија, како што соопшти МНР, доаѓа во исклучително важен момент за процесот на проширување на ЕУ. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот