Османи: Нема да дозволам сопки и емоции да влијаат на патот кон ЕУ, верувајте во тоа

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, за емисијата „Еуро-фокус“ изјави дека овие дискутабилни прашања со Бугарија не може да се решат со преговарачката рамка, туку преку Договорот за пријателство и добрососедство.

-Нашата должност е преку секојдневните комуникации да ги осознаеме информациите, особено оние кои се однесуваат на нас. Целта на Договорот беше токму тоа да се воведе ред во овој хаос на комуницирање, кој беше во изминатите децении во однос на разликите меѓу двете земји, да се воведе рамка со која ќе се создадат две траектории, кои досега беа вкрстени и негативно влијаеа една на друга– појасни Османи.

Тој додаде дека не мисли ова прашање треба да биде дел од домашното политичко шоу.

„Не смееме да дозволиме да се „киднапира“ овој процес. Нема да дозволам сопки и емоции да влијаат на патот на С. Македонија кон ЕУ. Верувајте во тоа“, нагласи Османи.

Сметаме, додаде, дека предлогот на ЕК и на Претседателството на Унијата се прифатливи формулации или решенија за текстот иако како земја-кандидат  не учествуваме во пишувањето и утврдувањето на текстот, но ставот на ЕУ да не ја претвори преговарачката рамка во платформа за решавање на билатерални прашања е на линија со нашите ставови и ние тоа ќе го поддржиме.

-Прашањето за декларации и пленарни седници во моменти кога интензивно комуницираме со земјите-членки и кога интензитивно се обидуваме да ја држиме дебатата во рамки на инструменти како што ги предвидува Договорот за добрососедство нема да биде додадена вредност и нема да помогне во процесот. Треба да имаме доверба во инститциите. Како што успеавме досега да стигнеме до одлука за отпочнување на преговори дека ќе стигнеме и до првата Меѓувладина конференција. Очекувам сите чинители во општеството да помогнат во овој процес, рече Османи.

Нагласи дека Самитот во Софија на 10 ноември треба да биде круна на успехот во Брисел и да се слави кулминацијата на односите меѓу двете држави како копретседавачи на Берлинскиот процес, но и на комплетирање на ЕУ со земјите од Западен Балкан.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот