Османи на Бугарите им прави место во македонскиот Устав

фото: МИА

Министерот за надворешни работи Бујар Османи им понуди на Бугарите во Македонија место во Преамбулата на Уставот, иако во досегашните преговори Софија не побарала нешто такво од Скопје. Завчеравечер во гостување на ТВ21, тој рече дека „Бугарите треба да се чувствуваат како слободни граѓани, кои може да се организираат како заедница и ќе ги имаат сите права, па ако треба и нивно споменување во Уставот, што ќе го олесни нивното организирање.

Вчера министерот дообјасни дека тоа го предложил во контекст на пописот за да не се дозволи „некој да прави кампања дека државата прави репресија на кој било граѓанин поради етничката припадност.“

Од Владата и од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, до затворањето на овој број од весникот не излегоа со став за овие идеи на Османи.

Министерот Османи вчера рече дека „последните изјави од Бугарија сѐ повеќе ставаат акцент на некаков факт дека С Македонија врши репресија и непочитување на правата на граѓаните од бугарско етничко потекло“.

– Северна Македонија ако за нешто може да се пофали е степенот на почитување на индивидуалните и на колективните права. Мојата порака беше, ако има информации дека некој граѓанин не може да се определи затоа што државата прави притисок, нека каже јавно затоа што ние како држава гарантираме дека тоа не смее да се случи. Ова е обид да се демантираат ставовите дека државата ги нарушува правата на која било етничка заедница. Ако забелешките се дека бугарската заедница не е спомената во пописот и при прикажување на резултатите се става во категорија „останати“, а само тие што се споменати во Уставот се презентираат јавно, воопшто немаме резерва да се прикажат резултатите на секоја етичка заедница во државата. Нема да дозволиме заради изборна агенда или билатерални разлики некој да ја прикаже државата дека ограничува индивидуални или колективни права. Оттука беше мојот повик, како реакција на тоа што се случи во Софија со претседателот Румен Радев и специјалните служби – рече Османи.

На новинарско прашање дали тоа значи дека Бугарите треба да бидат вметнати во Уставот, тој појасни дека може да се најде „технички начин да се прикажат резултатите за сите етнички заедници за да не се развие конспирација дека државата има специјален однос кон некоја етничка заедница“. Министерот повтори дека ова прашање не е отворено во билатералните разговори и Софија не покажала интерес за такво нешто.

Директорот на Државниот завод за статистика Атанас Симовски на истата прес-конференција рече дека во сите пописи по 1948 година е вклучена и етничката припадност и можноста секој да се изјасни според својата волја и без влијание.

– Истата можност постои и сега, па дури и за некакви апсурдни одговори. Друго прашање е како ги прикажувате податоците, во печатен или во електронски медиум, бидејќи во првиот случај имате ограничување во просторот, па не можете секогаш да ги дадете сите можни модалитети, кои можат да бидат и стотина на број. Но, во електронските медиуми може да се прикажат до последниот. Техниката на објавување е нешто друго, но податок за објавување има за секоја етничка заедница. Можноста да се изјаснат како сакаат никогаш не била проблем, ниту објавувањето, а особено сега кога главно ќе биде преку електронските медиуми – рече Симовски.

На прашањето зошто дозволува Бугарија да се меша во пописот и МНР не реагира, Османи рече дека нема да дозволи министерството да се вовлече во предизборната кампања во Бугарија.

– Прашањето на реакција сме го апсолвирале. Нашиот однос кон реакциите во јавноста беше мудар и ќе продолжи да биде мудар. Нема да дозволиме да бидеме дел од овој изборен фолклор, зашто ќе има многу такви креативни идеи во овој период за да го привлечат вниманието на јавноста. Ние не смееме да ги храниме таквите идеи преку наше вклучување во нив. Има начин како да се разрешат тие прашања – одговори Османи.

Во 1948-ма на попис 889 Бугари, во 2002-та 1.487

Пред неколку денови министерот Бујар Османи ги „посоветува“ здруженијата на македонските Бугари да побараат од македонските пописни органи да им обезбедат засебна графа при попишувањето за да можат слободно да се изјаснат, иако на пописите во Македонија секогаш слободно можело да се впише секоја етничка припадност, па и бугарската. Нивните бројки се прецизно јавно прикажани и не се во графата „останати“.

Според податоците од Статистика, на првиот попис во 1948 година имало 889 Бугари, во 1953 година 920, а во 1961 година 3.087 Бугари. Потоа, во 1971 година се попишани 3.334, во 1981 година 1.980, а во 1991 година 1.370 Бугари. На вонредното попишување во 1994 година се попишани 1.682 Бугари, а на последниот попис во 2002 година како Бугари се изјасниле 1.487 граѓани.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот