Османи: Kога ЕУ ќе биде спремна нека ни се јави, а ние ќе работиме!

На прашањето зошто Македонија не го спречи ветото на Франција, вицепремиерот Бујар Османи во интервју за „Слободен печат“ вели:

– Да имаше било каква најава за тоа се разбира дека ние поинаку ќе реагиравме. Ние до деветти октомври немавме никаков сигнал од било која земја членка дека може да има некаков проблем. Вистината е дека францускиот амбасадор за прв пат ја споменува методолигијата како услов за започнување преговори дури на 9 октомври во Брисел. Не не изненади само нас, туку ја изненади и комисијата. Тоа значи дека таа информација буквално е чувана строго доверливо од Франција за да се изненади Советот на амбасадори кој го подготвува Советот на министри. Дури потоа ја дознаваме вистината.

Кои се главните забелешки на Франција всушност и зошто бараат нови принципи на прием на членки?

– Според некои коментари, стравот постои кај некои држави од таму што со распаѓањето на Југославија се создадоа седум држави кои утре ќе имаат седум комесари во Унијата, а другите имаат по еден. Тоа се стравовите дека помалите држави од регионот утре ќе ги надгласаат постарите и поголеми земји членки. Исто така остануваат и предрасудите во однос на регионот.

Зошто ги кренавте очекувањата кај граѓаните, а сега не ни давате да бидеме револтирани кон Макрон или кон Унијата?

– Прво ние сме мала држава, во еден тежок регион, на која и требаат пријатели. Таа политика на создавање пријатели не се темели на емоции, туку на далековидост, рационалност, и на негување на тоа пријателство. Второ, ние би искажале емоции кога би биле свесни дека е тоа крај на процесот. Но јас не сум убеден дека е крај. Ова е преголемо да се остави така недовршено. Не само за нас и регионот туку за светот. Ова е само една фаза од која треба да учиме и да се обидеме да продолжиме да работиме на европеизација на државата, па кога ќе биде спремна ЕУ нека ни се јави. Но, ние ќе продолжиме исто како да преговараме со ЕУ.

Целото интервју со вицепремиерот Османи гледајте го на Слободна ТВ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот