Османи – Клус: Словачка активно ја поддржува европската перспектива на Северна Македонија

Министерот за надворешни работи Бујар Османи оствари средба со првиот државен секретар во Министерството за надворешни и европски работи на Словачка Мартин Клус, кој се наоѓа во работна посета на земјава.

Соговорниците, како што соопшти МНР, се осврнаа на состојбата и резултатите на сѐ подинамичната билатерална соработка меѓу двете земји и во тој контекст разговараа и за интензивните активности кои се превземаат за отворање на нашата Амбасадата во Словачка, со седиште во Братислава, што ќе биде дополнителен импулс во зацврстување на меѓусебните односи и за збогатувањето на севкупната соработка.

– Ние продолжуваме активно да придонесуваме за европската идеја на Балканот, и за европската перспектива како на нашата земја, така и на целиот регион. Очекуваме операционализација на одлуката на лидерите на ЕУ од март 2020, одржување на Првата меѓувладина конференција и формален почеток на преговорите, а радува сознанието дека Словачка е наш силен партнер во ЕУ за реализација на ваквата цел, истакна Османи.

На средбата, како што се наведува, стана збор и за проектот „Национална Конвенција за Европската унија во Република Северна Македонија”, во кој учествуваат словачките експерти и чија четврта сесија ќе се одржи на 29 април. Првиот државен секретар Мартин Клус потврди дека словачката поддршка и експертска помош за нашите евроинтегративни аспирации ќе продолжи со несмалено темпо за да побрзо се усогласиме со сите потребни европски критериуми и вредности.

Посебен акцент во разговорот беше ставен за состојбите во двете земји поврзани со пандемијата и текот на процесот на имунизација на населението, при што министерот Османи се заблагодари за досегашната словачка помош и донации на овој план, што претставува уште еден гест на пријателска држава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот