Османи: Ќе продолжиме да бараме решенија за надминување на разликите со Бугарија

Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Северна Македонија ќе продолжи со сите напори да бара разумни решенија за надминување на какви било разлики со Бугарија и останува посветена на реформскиот процес и сите останати сегменти кои се дел од нашите евроинтегративните приоритети, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи на видео средба со членовите на неформалната пратеничка група „Пријатели на Северна Македонија” во Европскиот парламент.

– Ние сѐ уште сметаме дека постојат пристојни шанси, доколку го искористиме продуктивно периодот пред нас, да се одржи првата Меѓувладина конференција во рамките на германското претседателство, истакна Османи, информирајќи ги притоа пратениците за актуелните случувања поврзани со европската агенда на земјата.

Како што соопшти МНР, на средбата со членовите од групата „Пријатели на Северна Македонија”, во која учествуваат 30-тина европратеници од Словенија, Хрватска, Австрија, Бугарија, Грција, Франција и Германија, предводени од Словенката Ирена Јовева, Османи им изрази благодарност за доброволната активност и директна вклученост во промовирањето на земјава во евроинтегративниот процес.

Османи изрази уверување за идната плодна соработка помеѓу институциите на нашата земја и Европскиот парламент на патот кон отпочнување и водење на пристапни преговори и целосно интегрирање на нашата земја во европското општество, се додава во соопштението.

Пратениците ја потенцирале силната поддршка за европската перспектива на Северна Македонија, нагласувајќи дека Европскиот парламент како институција останува позитивна кон политиката за проширување и кон позитивните пораки за земјава, вклучително и за почеток на пристапните преговори за што редовно повикува во своите резолуции.

– Беше нагласена важноста за континуитет на реформите за создавање позитивна атмосфера за отпочнувањето преговори, при што беше најавено и продолжување на дијалогот Жан Моне, со цел интензивирање на соработката помеѓу политичките партии во насока на инклузивност на процесот преговори. Нагласувајќи го геополитичкиот аспект за важноста на проширувањето на ЕУ со регионот, беше едногласно констатирано дека Западниот Балкан е важен не само за безбедноста и стабилност на ЕУ, туку и за севкупниот економски, политички и општествен напредок на континентот, се додава во соопштението на МНР.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот