Османи ќе го презентира извештајот за надворешна политика пред пратениците

Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Извештајот на министерот за надворешни работи Бујар Османи за остварувањето на надворешната политика и меѓународната положба на Република Северна Македонија, е на дневен ред на денешната седница на собраниската Комисија за надворешна политика.

Се очекува, меѓу останатото, Османи да се осврне и на активностите на македонската дипломатија по ветото од Бугарија за одржување на меѓувладината конференција на државава со Европската унија.

– Комуникацијата помеѓу нас и Република Бугарија продолжува. Сметаме дека независно од она што се случи, тоа не смее да влијае на односите помеѓу нашите две држави и во барањето на решение за да се надмине оваа пречка и да продолжиме понатаму во процесот. Очекувам веднаш по новогодишните празници да продолжиме со комуникација за изнаоѓање решение, изјави завчера Османи.

Специјалниот пратеник на Владата во разговорите со Бугарија, Владо Бучковски вели дека во интензивна комуникација со Министерството за надворешни работи на Бугарија се очекува да добиеме евентуални забелешки и дополнителни предлози за акцискиот план.

-Патоказот или патната карта, како што ја нарекуваат, треба да биде една од алатките за интензивирање на реализацијата на Договорот за соработка и пријателство. Мислам дека тоа би требало да го добиеме веќе после Нова година, што би било еден позитивен импулс дека ќе имаме нова, посериозна шанса би рекол пред парламентарните избори да видиме дали можеме да изнајдеме компромис за неколкуте отворени прашања, изјави Бучковски во телевизиско гостување.

Нашиот тим, вели Бучковски, интензивно се координира, се обидуваме да бидеме проактивни, да покажеме подготвеност од наша страна и покрај разочарувањето дека нема откажување.

-Португалското претседателство е нова шанса. Пред изборите во Бугарија ќе се обидеме да ги дефинираме и убеден сум дека ќе ги дефинираме оние прашања кои се најприоритетни да ја вратиме довербата, изјави Бучковски.

Од Владата и вчера повторија дека ќе продолжат да даваат и да разменуваат идеи се додека не се надминат проблемите и пречките со Бугарија, а бугарскиот заменик министер за надворешни работи Петко Дојков упати порака да се смири тонот и да се врати довербата меѓу Софија и Скопје.

-Владата пред десетина дена информираше, а кажа и специјалниот претставник на Владата, дека документот содржи и размена на идеи кои постојано ги даваме и ќе продолжиме да ги даваме, се додека не ги надминеме проблемите и пречките кои од страна на Бугарија се испречија за нашата европска интеграција, односно за следниот чекор а тоа е одржувањето на првата меѓувладина конференција, рече владиниот портпарол Душко Арсовски, во одговор на новинарско прашање зошто специјалниот претставник не ја информира јавноста по враќањето од Софија за нонпејперот што го претставил на бугарските власти.

-Причината за однесувањето на Бугарија во врска со стартот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ се должи на неисполнувањето на Договорот за добрососедство, изјави Дојков. Нашите односи, наведе тој, отсега ќе продолжат да изгледаат како односи меѓу две соседни земји. Една која веќе подолг временски период вложува големи напори да ја поддржи втората, а друга која аплицира за членство во ЕУ.

Според Дојков, постои голема доза на внатрешна политика во недоразбирањето на Бугарија со Северна Македонија.

– Акцентот на дискусиите секогаш е насочен кон Бугарија. Постојат две гледишта. Едното е нашето, второто е на Скопје. Според Скопје, има напредок ако се направи споредба со другите слични историски комисии. Но, нашето мислење е спротивното. Имаме одредени очекувања. Наше мислење е дека работата на оваа комисија еднострано прекината, а резултатите што се постигнати не се официјално реализирани, додаде Дојков.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот