Османи ја бранеше Грција и нè опомена за МРТ и за МАНУ

Самит надворешни / Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Завршниот состанок на министрите за надворешни работи и Самитот на шефови на држави и влади во Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) денеска во Скопје освен успешното номинирање на генерален секретар и консензусот за декларацијата на политичките директори на ПСЈИЕ, го одбележа и првата посета на двајца високи грчки претставници по промената на власта во Македонија, грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис и неговата заменичка Александра Пападопуло. Домаќинот на состанокот, министерот за надворешни работи Бујар Османи по билатералната средба со Пападопуло истакна дека почитувањето и целосното спроведување на Договорот од Преспа од двете страни, негувањето на добрососедските односи, како и поддршката од Грција се клучни за членството на Македонија во ЕУ, а евроинтегративните процеси во регионот се од најголемо стратешко значење и заеднички интерес за регионалната и севкупната европска безбедност. Герапетритис, пак, денеска попладне треба да се сретне со претседателката Гордана Сиљановска Давкова која е домаќин на Самитот на шефови на држави и влади и која беше критикувана од него дека го прекршува Преспанскиот договор со неизговарањето на придавката северна пред Македонија.

Според грчките медиуми, грчкиот шеф на дипломатијата сакал лично во Скоје да се увери колку претседателката Сиљановска Давкова го почитува Преспанскиот договор.

Според министерот Османи, Договорот мора да се почитува, а нам не ни е потребна кавгаџиска политика, туку поддршка од Грција во евроинтеграциите. Преспанскиот договор, според Османи, во голем дел е исполнет од двете страни, затоа што Македонија го смени името и Грција не го блокираше нашето членство во НАТО, но сега треба да се настојува да се продлабочи соработката и да се исполни вториот дел од документот, кој подразбира стратешко партнерство меѓу двете земји во повеќе сектори, како безбедност, енергетика, инфраструктура, наука итн.

– Имав добар состанок со Пападопуло и телефонски разговор со министерот Герапетритис. Разговаравме за посветеноста на двете држави не само за имплементација на договорите, туку и за поддршката на Атина за евроинтеграцијата на Северна Македонија. Средбата беше во духот на соработката и надежта дека стратешкото партерство ќе се продлабочи што ќе доведе до поголем благодет за граѓаните на двете држави – рече Османи.

Запрашан дали ѝ дал рок на Атина да ги усвои трите меморандуми во парламентот или да ги смени патоказите, тој рече дека не може да даде рок ниту за законите што се заглавени во нашето Собрание за МРТВ и за МАНУ.

– Ваквите обврски не смеат да бидат на првата линија на односите со Грција, бидејќи не се најбитните. Да не бараме проблеми кај што нема. Тие прашања не треба да доминираат во политичкиот дискурс. Нашите луѓе во голем број одат на одмор во Грција, имаме одлична економска и енергетска соработка и не треба да ги труеме сега нашите граѓани со три закони. Се надевам дека со градење на добра атмосфера Преспанскиот договор целосно ќе се применува – рече Османи.

Тој порача и дека изборите завршија и дека повеќе нема потреба од креирање на ваква клима во односите со Грција и повика на позрел однос кон соседите.

– Јас немам веќе таква обврска, за неколку дена не сум веќе МНР. Ако сакаме да најдеме мани во односите и со САД можам да ги најдам, но дали е тоа целта? Треба проблемите да ги решаваме низ институциите и со добра волја да градиме односи со соседите. Не ни треба кавгаџиска надворешна политика – заклучи Османи.

Претходно тој соопшти дека успехот што го постигнале на крајот на едногодишното претседателство со ПСЈИЕ со номинирањето на кандидатот на Сараево Адмир Капетановиќ за генерален секретар и консензусот за декарацијата на ПСЈИЕ ги надминал нивните очекувања. Министерот во заминување истакна дека учесниците покажале способност да го задржат кредибилитет на регионално носителство и лидерството.

Следен претседавач со ПСЈИЕ е Тирана.

– Претсетдателството на Тирана ќе биде целосно посветено на унапредување на постигнувањата на ПСЈИЕ со зајакнување на регионалната соработка, особено на имплементацијата на заедничкиот регионален пазар како и на забрзување на процесот на европска интеграција. Платформата која ја нуди ПСЈИЕ се смета за клучен механизам во Југоисточна Европа кој е заснован на начелата на еднаквост, инклузивнст и регионална соработка – рече заменик-министерката за надворешни работи на Албанија Артемис Мало.

Меѓу гостите во Скопје се претседателите на Албанија, Косово, Црна Гора, претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина, министрите за надворешни работи на Србија и на Турција, заменик-министерот за надворешни на Бугарија, државните секретар на МНР на Молдавија и на Романија, како и амбасадорите на Словенија и на Хрватска.

ПСЈИЕ како форум за регионална соработка беше основан во 1996 година и ги вклучува сите земји од југоисточна Европа. Неговите главни цели се унапредување на политичката и безбедносната соработка, поттикнување на економската соработка и проширување на соработката во областа на човековите права, демократијата и правдата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот