Османи: Имавме искрен и отворен разговор со претседателот на словенечкиот Парламент, Игор Зорчич

Османи е во официјална посета на Словенија на покана на министерот за надворешни работи, Анже Логар.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска во рамките на официјалната посета на Словенија, оствари средба и со претседателот на словенечкиот Парламент, Игор Зорчич при што се реафирмирани одличните билатерални односи меѓу двете земји кои се резултат на долгорочното и традиционално пријателство.

Како што соопшти МНР, на средбата беа разменети мислења и за можностите и потенцијалите за дополнително развивање на меѓусебните односи, посебно во насока на интензивирање на економската соработка, заедничките активности во рамките на партнерството во НАТО, како и за континуираната поддршка од Словенија во процесот на интеграцијата на нашата земја во ЕУ.

– Имавме искрен и отворен разговор. Ме радува најавата дека проширувањето на ЕУ со земјите од нашиот регион ќе биде високо на агендата на словенечкото претседавање со Советот на ЕУ во втората половина на 2021 година, што впрочем беше случај и за време на првото словенечко претседавање, како земја членка на ЕУ, во 2009-та година. Од близок сосед на Западниот Балкан и докажан  пријател, тоа и го очекуваме, истакна Османи, пренесувајќи ја притоа благодарноста до Зорчич за големата и безрезервна поддршка што Словенија и ја пружа на земјава во процесот за нашето пристапување во ЕУ.

На средбата се разговараше, се додава во соопштението, и за сојузништвото во НАТО, при што беа разменети мислења за актуелните домашни, регионални и меѓународни теми, како и за ангажманите и заложбите за иднината на нашиот регион. Во тој контекст, беа поздравени впечатливите активности на Северна Македонија на планот на унапредувањето на добрососедските односи.

Османи е во официјална посета на Словенија на покана на министерот за надворешни работи, Анже Логар. Покрај средбите на високо ниво, за време на престојот во Љубљана, министерот Османи даде и неколку интервјуа за словенечките медиуми, меѓу кои и Националната телевизија на Словенија – „ТВ Сло”, како и за високотиражниот дневен лист „Дело”, се додава во соопштението на МНР.

Publiée par Bujar Osmani sur Lundi 19 octobre 2020

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот