Османи: Ги трчаме последните чекори од 20-годишниот маратон за членство во ЕУ

Не изгубивме ниту еден ден од преговорите со ЕУ, а сега ги трчаме последните чекори од 20-годишниот маратон, рече министерот за евроинтеграции Бујар Османи објаснувајќи ја преговарачката структура која ќе ги води преговорите за членство во ЕУ. Владата вчера донесе 7 одлуки со кои администрацијата ќе се подготви за водење на преговорите, а Османи очекува одлука за почеток на преговори да биде донесена во октомври.

-Во јуни 2018 година го почнавме објаснувачкиот скриниг и таа е фаза што мора да ја поминеме, со тоа неформално сме го почнале процесот, значи нема доцнење. Тоа што советот без дебата ја прифати препораката за почеток на преговорите покажува дека нема дополнителни критериуми, односно дека сите услови се исполнети. Одложувањето на носење на одлуката за почеток на преговорите беше од технички причини – рече Османи.

Преговарачката структура ја сочинува Координативно тело кое ќе го води премиерот и е највисоко работно и политичко тело. Ова тело ги утврдува преговарачките позиции. Во него членуваат и потпретседателите во владата, министрите за внатрешни работи, финансии, правда, животна средина, информатичко општетсво и администрација и земјоделство.

Државната делегација е задолжена за застапување на преговарачките позиции. Ова тело ќе го води главниот политички преговарач Бујар Османи, а негов заменик е министерот за надворешни работи Никола Димитров. Член на телото е и шефот на делегацијата во Брисел.

Преговорите директно ќе ги води работната група за преговори предводена од техничкиот преговарач Бојан Марушиќ. Ова ќе биде експертско тело.

Дел од структурата ќе биде и Секретаријатот за европски прашања, кој се преименува во Секретаријат на преговарачката група. За секое поглавје, вкупно 35, ќе има посебна работна група.

Посебно тело ќе биде канцеларијата на техничкиот преговарач, во Скопје и во Брисел, како и работен комитет за евроинтеграции. Кои луѓе ќе бидат и на кои позиции внатре во телата допрва ќе се дефинира.

Се уште нема одлука како во процесот на преговори ќе се вклучи невладиниот сектор, дали директно во телата или пак индиректно како набљудувач на процесот. Владата посебни позиции во делата превидува и за опозицијата.

-Ова не е процес кој екслузивно и припаѓа на владата бидејќи 90 отсто од граѓаните се за ЕУ интеграција. Затоа значајно место и нудиме и на опозицијата. Предлагаме опозицијата свои преставници да има во работните групи – објасни Османи.

Тој рече дека техничкиот проблем со Германија очекува да биде надминат во септември. На прашањето дали тоа значи дека се надминати несогласувањата од Франција и Холандија, Османи одговори дека овој и другот месец ќе разговараат со сите држави членки на ЕУ, како со најголемите поддржувачи така и со најголемите скептици.

-Ако некој заслужува да добие датум за преговори тоа сме ние – рече Османи.

Во однос на изјавите дадени од новите еврокомесари со кои се доведува во прашање континуитетот на нашето члентво во ЕУ, Османи рече дека очекува одлуката да биде донесена во октомври, односно пред да стапат на функција новите еврокомесари што треба да се случи од први ноември. За тоа дали постои опасност новата грчка владата преводена од Кирјакос Мицотакис да го блокира нашето членство во ЕУ, министерот е дециден дека Преспанскиот договор не е меѓувладин, туку меѓудржавен и мора да се почитува.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот