Османи: Европската споделена иднина е единствената алтернатива и за ЕУ и за Западниот Балкан

Единствената алтернатива и за ЕУ и за Западниот Балкан е европската, односно споделената иднина. Проширувањето како процес опфаќа многу повеќе од самото поле на надворешната политика и длабоко ја засега сржта на европската внатрешна политика и интеграцијата на ЕУ и тоа мора да се сфати како лакмусов тест за капацитетот на ЕУ како глобален актер.

Ова го истакна шефот на дипломатијата Бујар Османи, на денешната панел дискусија во Бриж за „Иднината на Европа – перспективи и придонеси од Западниот Балкан”, осврнувајќи се на геостратешката димензија на процесот на проширување. Настанот во Бриж беше инициран заеднички во соработка на Османи со Колеџот на Европа, а под чадорот на новиот формат „Б6″, лансиран во Охрид на маргините на „Преспа форумот за дијалог”.

Како што соопшти МНР, целта на иницијативата и на овој настан беше министрите за надворешни работи од Западен Балкан, заедно со копретседавачите на Конференцијата за иднината на Европа; потпретседателската на Европската комисија, Дубравка Шуица и државниот секретар на МНР на Словенија, Гашпар Довжан да дадат инклузивен и сеопфатен придонес во пошироката европска дебата за еден од најважните проекти на ниво на ЕУ – Конференцијата за иднината на Европа.

– Министерот Османи посочи дека оваа дебата ја гледа како испраќање на јасен политички сигнал дека Европската унија и земјите од Западниот Балкан споделуваат одговорност за заедничка европска иднина, а нашите судбини се испреплетени околу основните вредности и принципи на кои почива ЕУ, се наведува во соопштението.

На прашањето до панелистите како земјите од Западен Балкан ќе дадат одговор на визијата за новата Европа, за развојот на политиките на ЕУ на среден и долг рок со цел подобро да се одговори на предизвиците со кои ЕУ се соочува, Османи истакна дека Европската Унија рапидно се трансформира за да успее да одговори на глобалните промени имајќи во предвид дека ЕУ навистина помина низ серија кризи последниве години.

Осврнувајќи се на останатите вредности и демократски придобивки, Османи го потенцираше и моделот на Северна Македонија како функционална мултиетничка демократија како мешавина од култури и јазици, што во секоја смисла на зборот го отсликува и одразува европското мото „обединети во различностите”.

– Нашиот модел на мултиетнички соживот и почитување во Северна Македонија претставува конкретен придонес за богатството и различноста на поширокото европско општество, учејќи не како да се прифаќаме и да учиме едни од други и едни за други, истакна Османи.

Модератор на панелот беше Федерика Могерини, ректор на Колеџот на Европа од Бриж, а покрај министрите за надворешни работи од регионот и копретседателите на Конференцијата за иднината на Европа, учествуваа и известителите за земјите од Западен Балкан во Европскиот Парламент и поголем број студенти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот