Османи добил уверување дека Јанша не стои зад нон-пејперот, очекува уште слични обиди

Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Министерот за надворешни работи Бујар Османи разговарал со словенeчкиот шеф на дипломатијата Анже Логар и тој го уверил дека словенечкиот премиер Јанез Јанша не стои зад нон-пејперот и дека нема промена во политиката и стратегијата на Словенија кон Македонија и кон регионот.

Треба да бидеме внимателни кога поврзуваме одредени индиции со одредени држави, пред се кога немаме факти и докази за тоа, бидејќи премиерот Јанез Јанша ги отфрли шпекулациите за нон пејперот. Словенија е наш голем пријател и поддржувач и јас сум уверен дека нема никаква промена во стратегијата на Словенија кон нашата земја и кон регионот, а последните донации се потврда за тоа. Во однос на содржината на нон-пејперот сметам дека како што ќе се интензивира дебатата за разни прашања во регионот ќе се појават разни шпекулации, и тоа дел со добра, а дел со лоша намера. Регионот е сложен. Мој став е дека два модели се покажаа како најуспешни, а тоа се Охридскиот рамковен договор и евроатлантската перспектива. Ова е исклучителен квантен скок во процесите за помирување на регионот и затоа е важно да продолжи проширувањето на НАТО и јасната перспектива за интеграцијата во ЕУ. Само тоа ќе ги неутрализира сите региони и ниту една иницијатива нема да успева да го поремети мирот – рече Османи за нон-пејперот што ги бранува духовите на Балканот и предвидува прекројување на границите, односно мирна поделба на Босна и Херцеговина.

Тој вели дека решението е во евроатланската интеграција на Западен Балкан. 

И затоа е многу важно да продолжи проширувањето на НАТО во регионот и јасната перспектива за интеграција во ЕУ и само тоа ќе ги неутрализира сите алтернативни обиди коишто еве јас ви кажувам дека ќе ги има во наредниот период. Најважно е ниту една иницијатива да не го поремети и го предизвика мирот во регионот. Сметам дека решението е евроатлантската интеграција на регионот – порача Османи.  

Министерот за надворешни работи повика на внимателност при поврзувањето на одредени иницијативи со одредени држави.

– Пред се, кога немаме факти или докази за тоа. Мислам дека и премиерот Јанша и сите словенечки претставници ја отфрлија нивната поврзаност, односно нивното авторството во врска со овој нон-пејпер. Знаете, во надворешната политика шпекулациите може да ги чинат скапо меѓународните односи и затоа треба да бидеме многу внимателни кога немаме никакви потврди или докази дека една иницијатива е поврзана со одредена држава, рече Османи.

Шефот на дипломатијата истакна дека Словенија е наш голем пријател и поддржувач, а тој е во редовна комуникација со нејзините власти. Изрази уверување дека нема никаква промена на стратегијата на Словенија кон регионот, кон С Македонија, а тоа, како што рече е докажано постојано со зборови и со дела. Додаде дека за тоа добил потврда и од неговиот словенечки колега. 

Тој ги коментираше и вчерашните тврдења на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој во интервју за Канал 5, рече дека разговарал со Јанша и оти тој му пренел дека таков документ нема. Според Мицкоски Јанша му кажал дека Тања Фајон, Тонино Пицула и Зоран Заев креирале сличен таков нон пејпер кој што се шири по Европа и наведе дека можеби тој документ ќе им биде познат на граѓаните на Македонија во многу скоро време.

– И вовлекувањето и од страна на лидерот на опозицијата на премиер на пријателска земја, на ваков нон пејпер без автор, во внатрешната политичка дебата, е најмалку несмасно и може да го наруши и имиџот на земјата, меѓутоа и пријателските односи коишто ги имаме и со Словенија, па и со другите држави. Затоа треба да бидеме многу внимателни по однос на овие прашања бидејќи, да се повторам уште еднаш, во надворешната политика шпекулациите можат да ги чинат скапо односите помеѓу државите во меѓународните односи воопшто, порача  Османи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот