Османи: Амбиција на Берлинскиот процес е регионот да биде слободен и за движење на луѓе и за услуги

Формирање заеднички регионален пазар по стандардите и критериумите на ЕУ, слободно движење на граѓаните во регионот со лични карти и формирање на зелени коридори се дел од темите на кои се става акцент во рамки на заедничкото претседавање со Берлинскиот процес од страна на Република Северна Македонија и Република Бугарија.

-Со бугарските копретседавачи работивме напорно и покрај тоа што пандемијата ги наруши сите планови и целата агенда. Сметам сработевме да создадеме основа за да има видливи и опипливи резултати кои ќе влијаат на целиот регион. Сакам да објавам дека пред една недела усогласивме план за создавање заеднички пазар во регионот кој ќе биде заснован на стандардите на ЕУ и на нејзините критериуми. Тоа ќе претставува и пресвртница за регионот затоа што станува збор за пазар од 18 милиони жители што ќе ја зголеми неговата атрактивност, истакна министерот за надворешни работи Бујар Османи по работниот појадок со амбасадорите на Бугарија Ангел Ангелов, на Германија Анке Холштајн и на земјите од Западен Балкан.

Амбиција на овој процес, додаде е регионот да биде слободен и за движење на луѓе и за услуги, заради што има и иницијатива за движење со лични карти во целиот регион, како и формирање зелени коридори на ЕУ, кои како што рече, се очекува да бидат тема на состанокот на министри за економија.

Германската амбасадорка Холштајн смета дека овој процес и иницијативите што се преземаат во негови рамки ќе придонесе многу за доброто на граѓаните кои тука живеат.

-Берлинскиот процес оваа година е навистина нешто посебно, затоа што прв пат има заедничко копретседавање меѓу земја члена на ЕУ и земја кандидат за членство, рече таа.

Амбасадорката додаде дека овој процес треба да помогне во зголемување на регионалната соработка на земјите од Западен Балкан и оти тоа ќе биде за доброто на граѓаните кои живеат тука.

Амабасадорот Ангелов, чија земја заедно со РС Македонија е копретседавач со процесот, вели дека состојбата на пандемијата ги нарушила плановите и агендите поврзани со овој процес, но е уверен оти тој ќе донесе корист за целиот регион и ќе ја зголеми меѓусебната доверба меѓу земјите.

-Заедно сме во Берлинскиот процес и заедно ќе продолжиме, рече тој и додаде дека фокусот се става на успеси во области како економија, здравство и образование и инфраструктурно поврзување.

Работниот појадок е дел од активностите во рамките на Заедничкото ко-претседавање на Република Северна Македонија и Република Бугарија со Берлинскиот процес.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот