Оскар за пчелите

Жарко Јорданоски / Фото: Слободен печат

Освен што е убав уметнички производ, филмот „Медена земја“ може да има огромна општествена улога за свртување на вниманието на светската јавност на судбината на пчелите – една голема планетарна тема, еднакво важна како глобалното затоплување или опасностите од светска војна.

Не ме изненадија номинациите на македонскиот филм „Медена земја“ за Оскар во две категории. Тоа е еден извонредно суптилен, топол филм, кој допира длабоки прашања за човечката врска (и отуѓеност) со природата и нè враќа во некоја безвременска наивност и невиност. Вистинско чудо и потфат е реализацијата на овој филм, некаде на половина пат меѓу документирана реалност и исценираната фикција. Ликовите, кои не се актери, извонредно се уверливи, во улогите на самите себе, што само навидум е лесно. Филмот, иако е снимен во Македонија, нема никаква врска со неа. Милион километри е оддалечен од македонските актуелни премрежиња, што го прави светски и космополитски филм, нималку локален. И затоа без проблем може да комуницира со публика од сите меридијани и во секакви културни контексти.

Згора на тоа, филмот актуализира една недоволно застапена, а важна глобална тема – пчелите. Тие магични суштества со посебна врска со човекот и со сиот растителен свет (извонредно значајни за човековиот опстанок), како што е познато, масовно изумираат. Од почетокот на деведесеттите до денес секоја година се забележува континуиран пад на светската популација на пчели. Во Европа се проценува дека популацијата на пчели е намалена за 24 отсто. Само во Британија тој пад изнесува 30 отсто, а во САД тие бројки се уште повисоки – дури 40 отсто од целокупната популација на пчели во оваа земја е изгубена!

Главни причини за овој пчелин „холокауст“ се масовната употреба на пестициди во земјоделството, климатските промени и сушите, а исто така и погрешното одгледување на пчелите, фокусирано на сè поголема експлоатација и битка за поголем профит. Во развиениот свет главна причина е премногу интензивното и монокултурно земјоделско производство. Огромните плантажи засадени само со еден растителен вид, како бадеми, на пример (на површини колку половина Македонија) се „смрт“ за пчелите. Во екот на поленизацијата големите концерни како „Монсанто“ „изнајмуваат“ пчелни семејства од цела Америка. Некои пчелари повеќе ги одгледуваат пчелите за оваа намена, а помалку за мед. Пчелните сандаци од сите краишта на САД се транспортираат со големи конвои со камиони, во ужасни околности, што на пчелите им нанесува ужасен стрес. Кога ќе пристигнат, со големи загуби, на непрегледните еднолични плантажи со бадемови насади, пчелните семејства, така измешани, лесно си ги пренесуваат заразните болести едни на други. По завршување на сезоната на поленизација, пчелните семејства се враќаат назад десеткувани. Она што го произведуваат одвај може да се нарече мед. Тоа би бил некаков бадемов пчелен сируп, со оглед на тоа што разновидноста на цветовите е предуслов за да се создаде „храната на боговите“. Состојбата не е подобра ниту во Европа.

Луѓето, со својата корпорациска алчност, придонесуваат за загрозувањето на овој исклучително важен вид, а ако за тоа не се преземе нешто, цената ќе ја платат идните генерации. Самата помисла на живот во кој нема пчели е застрашувачка. Неодамна научниците и „официјално“ ја прогласија пчелата за најважно живо суштество на планетата Земја!

Пчелите оплодуваат околу една третина од сите земјоделски култури што служат како храна за човекот и за домашните животни, а дури 90 отсто од дивите растенија. „Доколку пчелите исчезнат од лицето на земјата, на човекот му остануваат само четири години да му се случи истото“. Оваа изрека му се припишува на генијалниот Алберт Ајнштајн, но без оглед дали е негова, сигурно не е неоснована. Едно е сигурно, дури кога ќе ги снема пчелите, а со нив сите овошки и зеленчуци ќе станат реткост, луѓето ќе сфатат дека парите не се јадат!

Затоа, освен што е убав уметнички производ, филмот „Медена земја“ може да има огромна општествена улога за свртување на вниманието на светската јавност на оваа голема планетарна тема, еднакво важна како глобалното затоплување или опасностите од светска војна.

Затоа очекувам, ако тие филмаџии од Американската филмска академија имаат сенс за својата општествена одговорност, овој филм да не го заобиколат при распределувањето на Оскарите. Честитки за екипата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот