Осигурителните компании платиле 10,2 милиона евра провизии за продажбата на своите посредници

евра
Евра / Фото: EPA-EFE/STEPHANIE LECOCQ

Осигуреници вложиле пет милијарди денари во осигурување за половина година. Од тоа, 2,59 милијарди денари се вложени во полиси директно купени од осигурителните друштва и уште 2,41 милијарди денари преку посредници во осигурувањето. Во овој период преку посредници во осигурување се склучени над 370.000 договори за осигурување, покажуваат податоците на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) за периодот јануари – јуни годинава за неживотно осигурување.

Во структурата на посредничка продажба на осигурителни продукти најголемо учество имаат осигурително-брокерските друштва. Тие согласно законската регулатива работат во корист на осигурениците односно ги снимаат ризиците и врз основа на тоа да ги дизајнираат полисите, а воедно во случај на штети ги застапуваат нивните интереси пред осигурителните компании.

За шест месеци преку овие друштва осигуреници (физички и правни лица) вложиле 1,5 милијарди денари во различни осигурителни производи. Од тоа најголеми се вложувањата во полиси за законски задолжителната автомобилска одговорност. Тие изнесуваат 1 милијарда денари. Во осигурување имот вложиле уште 735,6 милиони денари. За своите услуги 40 осигурителните брокерски друштва наплатиле 398,6 милиони денари провизија од осигурителните компании.

Друштвата за застапување во осигурување (компании кои можат да нудат полиси и од повеќе осигурителни компании само доколку тие осигурителни продукти не си конкурираат меѓусебно) за првите шест месеци продале полиси во вкупна вредност од 252 милиони денари. За своите услуги од осигурителните друштва наплатиле провизии во вкупна вредност од 68,5 милиони денари. На осигурителниот пазар работат 12 компании лиценцирани за застапување во осигурување.

Повеќе од 1.300 физички лица – лиценцирани застапници во осигурувањето во првата половина од годинава продале полиси во вредност од 534,8 милиони денари. Застапниците за таа услуга како провизија наплатиле 126,89 милиони денари од осигурителните компании чии полиси продавале. Во овој период во нивната понуда доминира продажбата на задолжителните полиси за автомобилска одговорност со износ од 402 милиони денари, односно 75 отсто од целата продажба на полиси преку овој канал за продажба.

Банките се јавуваат како посредници во продажбата на осигурителни продукти на нивни клиенти – кредитобаратели. Во првата половина на годинава банките продале осигурителни полиси во вредност од 100 милиони денари. Во таа продажба најголемо учество имаат полиси за осигурување имот кои се поврзани со станбените кредити и тие изнесуваат 60 милиони денари (1 мил.евра). Банките од друштвата за неживотно осигурување за првата половина од годинава наплатиле провизии во вкупен износ од 29 милиони денари.

Како посредници во купопродажба на осигурителни продукти на пазарот учествуваат и салоните за автомобили и туристичките агенции. Преку салоните за продажба автомобили во овој период се продадени полиси за осигурување во вредност од 6 милиони денари, а преку туристичките агенции продажбата за овој период изнесува 3,5 милиони денари.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот