Оштетените штедачи прашуваат: Дали гувернерката Бежоска добро знаела дека се краде во Еуростандард банка?

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Со години, Народната банка односно гувернерката Анита Ангеловска Бежоска ја толерирале континуираната кражба на нашите депозити предводена од лицата на раководни позиции во Еуростандард банка. Нашиот доверен личен капитал е целосно украден во законски лиценцирана, регулирана и контролирана финансиска институција, пишуваат оштетените штедачи на Еуростандард банка во денешното соопштение.

Каква е таа контролирана финансиска институција и какви се тие мерки што ги спровела гувернерката Бежоска кога 73 отсто од кредитното портфолио на стотици фирми во банката или вкупно речиси 60 милиони евра се ненаплатливи или тешко наплатливи кредити, пари што свесно се дадени во неповрат!? Овој масовен и невиден криминал не е можно да се случи ако не бил толериран и прогледуван низ прсти од гувернерката Бежоска. Таа знаела и ги имала и доказите за перење пари уште кога почнале да се случуваат такви трансакции во банката пред неколку години, но молчела и чекала да помине време, да ја затвори банката и после два месеца да поднесе кривична пријава против раководните лица во банката за перење пари и други приноси од казниво дело. Со овој чин на ненавремено делување за којшто таа била и законски обврзана, гувернерката Бежоска директно и свесно допринела да нашите доверени средства во банката се покрадат и сега ние бидеме целосно оштетени.

И додека се случувал грабежот на нашите пари во банката, гувернерката Бежоска јавно не лажеше дека нашите депозити се безбедни и дека воопшто не треба да се грижиме. Иако знаела за исклучително лошата состојба во Еуростандард банка, таа свесно не лажеше за да не донесе во заблуда и да не измами да веруваме во сигурноста на нашите депозити раководени со закони. Имала можност да ги одземе и лиценците на раководните лица од банката за кои е и констатирано дека биле некомпетентни, но гувернерката свесно не го направила ни тоа.

Гувернерката Бежоска вели дека задачата на Народна банка била да го оцени кредитниот ризик на пласманите преземени од банката, дали банката соодветно го прикажувала овој ризик и како управувала со истиот. Ништо од тоа не е направено. Делени се кредити во милиони евра без или со мали покритија, со ултра висок кредитен ризик, кредити за кои не е платена ниту една рата со години. И извештајот за банката од стечајниот управник Душко Тодевски констатира дека при делењето на кредитите од банката ниту се почитувале интерните политики и процедури за кредитен ризик ниту одлуката за управување со кредитен ризик ниту пак критериумите за одобрување дефинирани во кредитната политика. Едноставно, се пласирале ултра ризични кредити на големо, без ограничување и без да се преземат соодветни мерки од Народната банка за да тоа престане и да се спречи понатамошно крадење. Големи суми пари во кредити завршиле и во групации од поврзани фирми како и кај фирми кои користеле едно исто обезбедување за различни кредити. Што правела гувернерката Бежоска!? Добро знаела дека се краде во банката и свесно дозволила грабежот на нашите депозити да продолжи да се случува.

Со сите свои постапки, гувернерката Бежоска оставила и свесно придонела да не покрадат во целост, да ни ја уништат сегашноста и иднината на нас и нашите најблиски во сред пандемија.

За овој „подвиг” на гувернерката може само да и „честитаме”. Убедени сме дека ќе дојде време кога правдата ќе ја стигне и гувернерката Бежоска која несомнено е дел и соучесник во организираниот криминал на Еуростандард банка. Веруваме дека ќе дојде време кога таа ќе одговара за нејзините злоупотреби на службената должност и овластување, измама и евентуално и за други кривични дела.

Дали народните избраници во Собранието се запрашале како можеле да изгласаат ваква личност за гувернер на Народна банка!? Нема да дозволиме добро позната организирана криминална група да не покраде, да ни го земе нашиот личен имот, се што сме заработиле и заштедиле, да не измами, излаже и омаловажи. Нема да дозволиме да нашите семејства страдаат, а да оние што не покрале и го поделиле пленот меѓусебно уживаат на слобода со нашите лични средства. Одговорност мора да има и парите да ни се вратат. Прашање е на време и околности кога тоа ќе се случи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот