Орторексија – нездрава опсесија со здрава храна

принтскрин/Youtube

Орторексијата е нарушување во исхраната што се карактеризира со јадење здрава храна до степен на опседнатост. Луѓето што го имаат овој проблем целосно избегнуваат одреден вид храна и ја потенцираат „чистата исхрана“ до степен што тоа го нарушува нивниот квалитет на живот. Тешко е да се процени колку луѓе страдаат од орторексија, бидејќи не постојат конкретни критериуми за нејзино дијагностицирање.

Луѓето развиваат орторексија кога се опседнати со „здрава исхрана“. Додека од една страна изборот за здрав животен стил не е лош, луѓето со орторексија стануваат компулсивни и нефлексибилни во нивната исхрана. За разлика од други нарушувања во исхраната, орторексијата не е мотивирана од загриженост за телесната тежина или изгледот, велат стручњаците.
Орторексијата најчесто започнува бидејќи личноста сака да го смени начинот на исхрана и да има контрола што јаде. Ова за многумина значи почнување диети кои забрануваат одредени групи храна или промовираат специфични шеми на исхрана, а нивното следење може лесно да премине во опсесивна опседнатост, иако не почнуваат така.

Луѓето кои имаат орторексија најмногу се загрижени за квалитетот на храната, наместо за количината што ја јадат, а таа загриженост е индивидуална. На пример, некој може да избегнува големи групи храна, како што се млечните производи, производите со глутен и слично, додека друг може да се фиксира на консумирање исклучиво сурова храна.

Profimedia

Орторексијата официјално не се смета за нарушување на менталното здравје, а една од причините за тоа е бидејќи нејзините симптоми често се преклопуваат во други нарушувања, како што се опсесивно-компулсивно нарушување (ОКН), анорексија и други нарушувања во исхраната, кои се карактеризираат со избегнување/забрана за јадење одреден вид храна.

Сепак, ако не се третира, орторексијата може да предизвика ментални и физички здравствени проблеми, дури и да доведе до други нарушувања во исхраната, како што се анорексија и булимија.

Висок здравствен ризик

Како и многу други нарушувања во исхраната, симптомите за орторексија се ментални, физички и проблеми во однесувањето и варираат кај различни индивидуи.

Менталните или емоционалните симптоми на орторексија се слични со опсесивно-компулсивни и други нарушувања во исхраната. Тоа подразбира: нарушена меморија, анксиозност, лоши мисли, перфекционизам.

Што се однесува до проблемите со однесувањето, тие се меѓу првите што се појавуваат, а можат да бидат: опсесивно проверување на етикетите од производите, потреба прво да се види менито во ресторанот пред да се отиде на вечера, избегнување да се оди на вечера кај пријателите ако тие готват, јадење пред кој било социјален настан на кој има храна, покажување страв да се јаде одреден вид храна со изговор „Јас тоа не можам да го јадам“ или „Се плашам тоа да го јадам“.

Луѓето со орторексија имаат висок ризик од појава на нарушување во нивото на микроелементи, бидејќи стриктно избегнуваат одредени видови храна, а ако тоа не се третира, доведува до физички нарушувања. Еве кои се најчестите:

Ваквиот начин на живот има влијание и комплетно го менува социјалниот живот на луѓето. Тие решаваат да останат дома, наместо да излезат и да се дружат, бидејќи само така имаат целосна контрола на својот живот.

Рани знаци на орторексија

Многу важно е рано да се препознае кога некој има ваков проблем. Колку подолго е нетретиран проблемот, толку повеќе е загрозено здравјето на личноста и потешко ќе биде третирањето. Навистина не е лесно некому да кажете дека има орторексија, односно дека претерува со здравата исхрана. Стручњаците велат дека здравата исхрана преминува во орторексија кога „вашата исхрана е базирана на стриктни правила, отколку на моментален избор“. Најчестите знаци дека некој развива орторексија се:

– секоја храна ја обележува како „добра“ и „лоша“

– избегнува големи групи храна како јаглехидрати, млечни производи или слатки

– држење строги диети

Раната идентификација и интервенција можат да им помогнат на луѓето со орторексија да се излекуваат. Ако сте загрижени за некој дека можеби развива вакви симптоми, еве што треба да направите и како да им пријдете:

– зборувајте без да ги напаѓате или осудувате

– бидете конкретни за кое нивно однесување сте загрижени

– охрабрете ги да побараат помош од стурчно лице и бидете им голема поддршка

Честопати луѓето со орторексија претходно имале некои други состојби или поминале низ нешто што предизвикало психолошки тригер, како на пример: анксиозност, депресија, стресни животни проблеми (развод, губење работа, почнување на факултет) и на овој начин се обидуваат да вратат барем малку контрола во својот живот. Неретко и спортистите страдаат од орторексија, бидејќи се опседнати со постигнувањето врвни резултати.

Profimedia

Третирање

Орторексијата се третира со комбинација од нутриционистички совети и терапија. Најважно е да се работи со специјалист нутриционист, кој ќе помогне во воспоставување квалитетен баланс во исхраната, како и со психотерапевт, кој ќе помогне во подобрување на менталното здравје. Доколку истовремено личноста со орторексија страда и од ОКН, може да ѝ бидат препишани и соодветни лекови.

Ако се сомневате дека вашите навики за здрава исхрана преминуваат во нарушување или на кој било начин влијаат на квалитетот на вашиот живот, побарајте помош од нутриционист или психотерапевт. Дури и ако не постои конкретен проблем, заслужувате помош за да ја надминете загриженоста за ваше одредено однесување.

Сè повеќе млади луѓе страдаат од орторексија

Според најновите податоци од светот симптоми на орторексија се забележани кај адолесценти, во најголем број од женски пол. Загрижувачки е тоа што границата многу брзо оди надолу и сè повеќе млади луѓе страдаат од оваа состојба.

Кај нас во Македонија, како и секаде, има луѓе што се опседнати со здрава исхрана. Бидејќи сè уште нема потврда дека тоа е болест, психолог психотерапевт може да ја сретне како пропратен симптом кај личности кои дошле да ја решат својата анксиозност, конфликтност, перфекционизам и други слични состојби. Кај личности кои имаат анорексија, еден од симптомите е орторексијата или анорексијата почнала како орторексија. Без разлика дали е потврдена како болест или не, ова е многу сериозна состојба, затоа што може да му наштети на здравејто во потполност и да го загрози животот – вели психологот Мирјана Јовановска Стојановска, од , „Амигдала“ центар за психотерапија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот