Ортаковски за СП: Има основ да сметаме дека Бугарија го прекршила Договорот за добрососедство

Зоран Заев Бојко Борисов
Зоран Заев, Бојко Борисов / Фото: EPA-EFE/VASSIL DONEV

Дали Бугарија со блокадите за преговарачката рамка за членството на Македонија во ЕУ го прекрши или не членот 2 од Договорот за добрососедство, како што деновиве повторија премиерот Зоран Заев и вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров? Според професорот по меѓународно право на Факултетот за безбедност Владимир Ортаковски има основи да се смета дека има прекршување.

– Договорот за пријателство е израз на добра волја кај двете страни дека превземените обрски ќе се исполнуваат и дека ќе се почитува договореното. Членот 2 се однесува дека Бугарија ќе нè помага во процесот на пристапување на Македонија кон ЕУ. Имајќи го тоа в предвид, со внимателно читање на членот имаме елементи да кажеме дека Бугарија го прекршува Договорот. Бугарија се обврза да ни даде поддршка. На самите состаноци на Советот на ЕУ немаше гласање за преговарачката рамка, па формално нема ни бугарско вето, иако практично е тоа, Бугарија нè блокираше и тоа два пати – вели професор Ортаковски за „Слободен печат“.

Тој додава дека природата на спорот е апсурдна затоа што една земја членка на ЕУ бара од земја кандидатка да се откаже од својот идентитет и тоа во околности кога сите во Унијата целосно стојат на ставот дека Македонија треба да ги почне преговорите, освен евентуално една или две земји.

– Од друга страна тука е и сознанието дека бугарската политика кон Македонија цело време е иста, непроменета со децении, освен во краткиот период од 1945 до појавата на Информбирото во 1948 година кога во Бугарија Македонците слободно се изјаснувале и имале улилишта на македонски јазик. Сите влади досега ја застапуваат истата позиција дека Македонците се Бугари, а македонскиот јзик е бугарски дијалект. Договорот секако даваше надеж за една нова ера во македонско-бугарските односи, но дали творците на Договорот го превидоа фактот за неменливоста на бугарската официјална политика – вели Ортаковски.

Излез од оваа ситуација тој гледа во се скорешната изјава на американската амбасдорка Кејт Мари Брнз дека сакаат да помогнат во процесот. Професорот Ортаковски вели дека ние се надеваме дека тие повеќе ќе ја притиснат Бугарија, но сепак тоа не е извесно, односно Американците јавно вербално нè поддржуваат, но ние не можеме да знаеме колку реално тие ја притисикаат Софија.

Дел од експертите, пак, сметаат дека Бугарија не го прекршила Договорот, затоа што не се обврзала дека ќе ни даде поддршка за членството во ЕУ, туку само за членството во НАТО.

Во член 2 став 2 од Договорот за собрососедство од 2017 помеѓу Македонија и Бугарија е наведено следното: Двете договорни страни ќе ја развиваат соработката помеѓу себе во областа на европската и евроатлантската интеграција, насочена кон успешна подготовка на Македонија за нејзиното пристапување кон ЕУ и НАТО. Бугарската страна ќе го сподели своето искуство со цел да ѝ помогне на Македонија да ги исполни неопходните критериуми за членство во ЕУ и ќе ја поддржи за добивање на покана за членство во НАТО согласно соодветните одлуки од средбите на врвот на НАТО.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот