Оригиналната Лебовиц: Ленон ја молел за насловна, а после неколку часа го убиле
Ана-Лу Лебовиц не ни помислила дека би можела да стане фотографка. Пораснала во големо американско-еврејско семејство преполно со уметници, особено од страната на мајката. Татко ѝ бил воен службеник, па поради таа причина често се селеле. На неа највеќе влијаел периодот кој го поминале на Филипините за време на војната во Виетнам. Тогаш прв пат почнала да ги фотографира локалните жители и воената база.
Кога се вратиле, Ени се запишала на уметничкиот институт во Сан Франциско. Студирала сликарство и сакала да биде наставничка. Но откако земала фотографија како изборен предмет, сфатила дека тоа е нејзината пасија и се префрлила на тие студии. Највеќе ја инспирирале трудовите на Роберт Френк и Хенри Картиер-Бресон.
Уште за време на студиите почнала да работи во новооснованиот музички магазин, „Ролинг стоун“, а веќе на 23 години станала главна фотографка таму и практично ја направила естетиката на магазинот. На таа позиција била десет години и станала позната по интимните фотографии на славните.
Лебовиц во 1975 година била службена фотографка на американската турнеја на „Ролинг стоунс“, но си заминала пред да заврши турнејата, бидејќи сфатила дека станува зависна од дрога.
Снимила многу култни насловни страни, како на пример, насловната со Џон Ленон и Јоко Оно.
Тоа било на 8 декември 1980 година, а Лебовиц всушност сакала да го слика само Ленон, но тој инсистирал и Јоко да биде со него. Ени сакала на некој начин да ја рекреира фотографијата од нивниот заеднички албум „Double Fantasy“, објавен три недели пред тоа, на која тие двајца се бакнуваат. Таа му рекла на Ленон да се соблече и да легне покрај Јоко.
„Интересно е тоа што таа сакаше да ја соблече маицата, но ѝ реков да не го прави тоа, иако немав визија како ќе изгледа фотографијата. Тој потоа се склупчи покрај неа и тоа беше многу, многу силно. Изгледаше како да му е ладно и дека се држи за неа. Беше многу возбудливо кога го видовме првиот полароид, а и тие двајца беа ептен задоволни. Џон рече: Совршено ја фати нашата врска. Вети ми дека ова ќе биде на насловната. Го погледнав во очи и се ракувавме“, раскажала Лебовиц.
После пет часа, Ленон бил убиен од страна на Марк Дејвид Чепман.
Кога си заминала од „Ролинг стоунс“ во 1983 година, отишла во „Венити фер“, каде што направила исто така некои од најпознатите фотографии на славните воопшто. Голата и бремена Деми Мур, Вупи Голдберг во када полна со млеко, голиот Силвестер Сталоне во позата на „Мислителот“, првата насловна страна на Кејтлин Џенер после операцијата на полот…
Лебовиц е една од најдобрите и најпознатите фотографи за портрети на современата американска фотографија и е првата жена која имала самостојна изложба во Националната галерија на портрети во Вашингтон.
Ени исто така ја фотографирала и британската кралица Елизабета Втора, а вели дека со месеци се спремала за тоа снимање.
„И реков колку ѝ се восхитувам на Сесил Битон и дека ќе направам сет според неговите фотографии, а таа ми рече: „Мораш да го следиш својот пат, драга“. Беше лута на мене бидејќи донесов толку многу опрема. Наводно има своја фотографка која доаѓа со една вреќичка работи на снимање. Кралицата толку ја сака што ѝ помага да го помести мебелот ако треба. Тоа ми е прекрасно“, рекла Лебовиц.
И покрај тоа што не сака да зборува за својот приватен живот, за неа се знае дека од 1989 – 2004 година била во врска со писателката и феминистичка активистка, Сузан Сонтаг, сè до нејзината смрт.
Ниту една од нив две не сакала да зборува за врската, наводно никогаш не живееле заедно, но покрај тоа што биле во врска, тие и работеле заедно. Патувале низ светот и се обидувале да ги спојат своите професии. Заедно биле и во Сараево за време на окупацијата во 90-те.
Сонтаг починала во 2004 година, а само неколку месеци после тоа починал и таткото на Ени, после што таа паднала во депресија и финансиски проблеми.
Се вратила во нормала по неколку години, а во врска со Сонтаг проговорила дури неодамна.
„Сузан и јас имавме љубовна приказна. Зборовите како „партнери“ никогаш не биле дел од нашиот речник. Бевме две личности кои меѓусебно си помагале низ животот. Најблискиот збор е „пријателка“, рекла Ени, но подоцна признала дека сепак во прашање била интимна врска.
„Викајте нè љубовници. Тој збор ми се допаѓа, звучи романтично. Да бидам потполно јасна, ја сакам Сузан“, изјавила таа за едно интервју.
После нејзината смрт, не е познато дали Лебовиц била во некоја љубовна врска.
Ени има три ќерки. Првата, Сара Камерон, ја родила кога имала 52 години, а близначките Сузан и Семјуел, ги родила сурогат-мајка 4 години по Сара.