Организирање на атентатот во Марсеј (3)

Поврзаноста на Ванчо Михајлов со атентатот во Марсеј / Колаж: Слободен печат - Иван Самарџиев

Еуген Дидо Кватерник (Загреб, 1910 – 1962, Рио Куарто, Аргентина), познат близок соработник на Анте Павелиќ и подоцнежен „крвав“ министер за внатрешни работи на НДХ, при планирањето и организацијата на атентатот во Марсеј го вкалкулирал и учеството на Владо Черноземски, за кого бил обезбеден лажен пасош на име Петер Келемен.

Според бугарски и унгарски извори, тој бил „летачки агент“ на германската тајна служба Абвер, а подоцна, во 1931 година, станал агент на нацистичката безбедносна служба раководена од СС-рајхфирерот со седиште во Минхен. Како германски и нацистички агент, Черноземски, наводно, патувал и соработувал со емигранти во Унгарија, Италија, Австрија и во Германија. Ваквите информации во историографската литература засега немаат доволна поткрепа во изворната документација, па затоа ја немаат и потребната уверливост.

„Специјалните операции“ на СС-генералот

Владо Черноземски, кого Кимон Георгиев, кој бил бугарски премиер во 1934 година, го нарекува „бугарски фашизоид и платеник на бугарската, италијанската и германската тајна служба“, откако бил амнестиран и ослободен од затвор, на 15 јули 1932 година ја напуштил Бугарија.

Владо Черноземски на фалсификуваниот пасош
Владо Черноземски на фалсификуваниот пасош

Станал еден од инструкторите во усташкиот логор „Јанка Пуста“. Сите овие македонски и усташки терористи, како што пишува Едуард Чалиќ во своето волуминозно и аргументирано дело „Европска трилогија. Марсеј и Втората светска војна“ од 1993 година, биле тесно поврзани со седиштето за „извршувањето на специјалните мисии“ на Алфред Розенберг и Хајнрих Химлер во Берлин и во Минхен.

Готлоб Бергер

Хајнрих Химлер му ги доверил надзорот и организацијата на „специјалната операција“ на атентаторите во Марсеј, на подоцнежниот СС-генерал Готлоб Кристијан Бергер. Тој бил еден од поистакнатите нацисти, а својата професионална и политичка кариера ја започнал како наставник по гимнастика и еден од водачите на СС. Подоцна станал и шеф на Главната управа на СС-одредите. Ја извршувал должноста државен секретар на Министерството на Рајхот за источните окупирани територии и тоа сè до јануари 1945 година, за потоа како СС-обергрупенфирер на СС-трупите да биде командант на таканаречените „резервни сили“ и началник на службата за воени затвореници во Германија до 8 мај 1945 година. Во време на организирањето на атентатот во Марсеј, Готлоб Бергер бил командант на терористичката група на СА „Северен Виртемберг“ и од ноември 1933 година консултант за терористички групи на Балканот во службата за надворешна политика на Розенберг.

Всушност, Готлоб Бергер ги координирал шпионските и диверзантските активности на усташките, унгарските, српските, македонските, бугарските и романските пронацистички организации и поединци. Секако, во годините пред Втората светска војна, нацистичките служби и политичари, како дел од фашистичката тактика за дејствување на меѓународен план, константно го смирувале Белград дека усташката и македонската емиграција во Германија не работат против Југославија туку се занимаваат „исклучиво со активности против Коминтерната и тоа не може да им се забрани, затоа што и Југославија е антикомунистичка земја“.

Еуген Дидо Кватерник, главен организатор на атентатот во Марсеј

Еуген Дидо Кватерник (Загреб, 1910 – 1962, Рио Куарто, Аргентина), познат близок соработник на Анте Павелиќ и подоцнежен „крвав“ министер за внатрешни работи на НДХ, при планирањето и организацијата на атентатот во Марсеј го вкалкулирал и учеството на Владо Черноземски, за кого бил обезбеден лажен пасош на име Петер Келемен. Покрај него, во операцијата за ликвидирање на францускиот министер за надворешни работи Луј Барту и кралот Александар, требало да учествуваат усташите Мијо Краљ, Звонимир Попешил и Иван Раиќ. На 29 септември 1934 година, тие петмина ја напуштиле Лозана и пристигнале во Франција, со брод по Жeневското Езеро. До 6 октомври 1934 година, целата група останала во Париз, на која им се придружиле и Јан и Марија Вондрачек.

Звонимир Поспшил, еден од атентаторите во Марсеј (Eduard Calic (trilogija-Atentat u Marseju (Атентат во Марсеј)

Околу прашањето за идентитетот на брачниот пар Марија и Петар (Јан) Вондрачек (Вудрачек), нема едногласие во историографијата. Едуард Чалиќ пишува: „Техничките подготовки и дисциплинската одговорност за убиството на Луј Барту и кралот Александар биле под директен надзор на мистериозниот Јан Вондрачек, наречен ‘Петар’, и неговата ‘сопруга’ Марија Вондрачек, ‘сината дама’ или ‘убавата русокоса’. Тие беа снабдувачи на оружје на самото место, а ‘Македонецот’ Величко Георгиев-Керин ним им беше директно подреден.“

Професор д-р Никола Жежов во својата статија „ВМРО и атентатот врз југословенскиот крал Александар Караѓорѓевиќ“ од 2007 година, го смета брачниот пар Вудрачек за „наредбодавци и главни раководители со акцијата“ и објаснува дека „најчестите претпоставки за нивниот идентитет, посебно на Петар Вудрачек, биле дека зад него се криел водачот на усташкото движење Анте Павелиќ, но не е исклучена можноста дека оваа личност би можел да биде и Иван Михајлов, водачот на распуштената ВМРО, и дека неговото присуство во Истанбул за време на атентатот било само алиби за да се одврати вниманието од неговото евентуално учество во овие настани“. Секако, ваквата теза е за да се потенцира значењето на Ванчо Михајлов, но е непоткрепена и, се чини, целосно неверојатна.

Ванчо Михајлов и Анте Павелиќ

Прво куршум, па потоа бомба

На 6 октомври 1934 година, Еуген Дидо Кватерник, Владо Черноземски и Мијо Краљ заминале за Авињон. Вечерта таму пристигнала и Марија Вондрачек. На 7 октомври 1934 година четворицата со автобус заминале за Марсеј. Кватерник им дал на Черноземски и на Краљ по 1.500 франци, им купил компас и мапа на градот. На 8 октомври 1934 година атентаторите пристигнале Марсеј. Внимателно ја проучиле трасата по која следниот ден требало да се движи гостинот, кралот Александар, и го утврдиле местото на атентатот. Договорот бил убиството да го изврши Владо Черноземски, а Мијо Краљ да фрли бомба, да предизвика паника и да му помогне на Черноземски да се прикрие.

Попладнето групата се вратила во Екс-ан-Прованс, разговарале за спроведувањето на планот, а вечерта Кватерник се разделил со Черноземски и Краљ и пристигнал во Швајцарија, преку Лион.

На 9 октомври 1934 година Черноземски на Placeu de Bourse (Плоштад нa берзата) во Марсеј, искористувајќи го слабо организираното полициско обезбедување, пукал и ги убил Луј Барту и кралот Александар, а го ранил генералот Жорж кој ги придружувал.

Атентатот во Марсеј

При реализацијата на атентатот, францускиот полковник Пиоле, кој јавал коњ покрај возилото, му нанел на Черноземски два удара со сабја и го прекинал неговото понатамошно пукање, а атентаторот бил погоден и од куршуми на обезбедувањето. Починал во 20 часот во локалната болница.

Неговиот усташки помошник Мијо Краљ покажал кукавичлак, се скрил и избегал во Париз, а оттаму со воз до Фонтенбло, од каде што планирал да се префрли во Швајцарија, но целосно исцрпен од глад и несоница бил откриен и уапсен од француската полиција. Во широкиот извештај-признание за својот идентитет, за животниот пат и политичките активности, детално ги опишал и подготовките и организацијата на атентатот.

Таен погреб

Владо Черноземски бил погребан на 12 октомври на гробиштата во Марсеј. Неговото мртво тело било детално прегледано од медицински лица и притоа било утврдено дека имал тетовиран знак на македонската револуционерна организација со кирилски букви ВМРО на левата рака. Тетовирањето било направено неколку години претходно, па така освен што бил препознаен по фотографиите на бугарската полиција, неговиот идентитет бил потврден и преку пронаоѓање на лицето што ја направило тетоважата.

Меѓутоа, без разлика на позитивната и недвојбена идентификација на Черноземски, гласините дека станува збор за припадник на хрватската усташка организација се ширеле меѓу хрватските емигранти во Берлин и во Виена, за да се докаже дека атентатот е дело на „поробените“ Хрвати, а истовремено ваквата теза користела за да се отстрани сомнежот кон германската СС-служба за безбедност, која имала врски со автономистичката ВМРО.

(продолжува)

ПРОЧИТАЈТЕ: 

Прв дел од фељтонот: ВМРО на Ванчо Михајлов и усташите на Анте Павелиќ (1)

Втор дел од фељтонот: Бегството на Михајлов од Бугарија со фашистичката помош и ликот на Владо „Шоферот“ (2)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот