Организаторот на Австралија Опен ќе ги плати судските трошоци место Ѓоковиќ?

Ѓоковиќ мораше да си замине од Австралија откако му беше поништена визата/ фото: EPA-EFE/JAMES ROSS

Тениската федерација на Австралија која е организатор на првиот годинешен гран слем турнир, ќе ги плати судските трошоци за судскиот спор кој Новак Ѓоковиќ го загуби од државата, пишува Дејли Мејл Австралија.

Сагата околу Ѓоковиќ заврши така што српскиот тенисер мораше да си замине од Австралија иако претходно му беше дадена виза за медицинско изземање од вакцинација. Но, по неговото слетување во Мелбурн, граничната полиција му ја укина визата и го смести во хотел за мигранти, на што тенисерот поднесе жалба. Судот му ја уважи жалбата и му ја врати визата, министерот за имиграција Алекс Хок, го искористи своето дискреционо право и повторно му ја укина визата.

Овој пат Ѓоковиќ и неговите адвокатите го загубија судскиот спор во австралискиот сојузен суд и тенисерот мораше да ја напушти државата.
Судот исто така му наложи на Ѓоковиќ да ги плати судските трошоци кои изнесуваат половина милион долари.

Но, овие трошоци ќе ги плати организаторот на Австралија Опен.
-Најважната работа што луѓето не ја знаат е дека Тениската федерација на Австралија ќе ги плати овие трошоци, а не Новак. А бидејќи државата и дава пари на Тениската федерација за организација на Австралија Опен, тоа значи дека на крајот трошоците за судскиот спор ќе ги платат даночните обврзници во Австралија, односно граѓаните – изјави анонимен извор за Дејли Мејл Австралија

Видео на денот