Орданоски: Ако само си замине Заев, а владата остане иста – не ѝ се пишува добро

Сашо Ордановски во гостување на ТВ24 / 2 ноември 2021 / фото: ТВ24/принтскрин

„Нова влада веројатно ќе има, иако прашањето не е едноставно. Гледам дека сите сега се занимаваат со тоа кој ќе го наследи Заев, што е нормално“, вели новинарот и аналитичар Сашо Орданоски во емисијата „24 анализа“.

Според него, многу е важно каква програма ќе преземе оној што ќе го наследи премиерот, како и дали ќе влезе во реформа на постоечкиот состав на владата.

– Ако сѐ се сведе само на тоа Заев да го нема, а владата остане истата, тогаш не ѝ се пишува добро. Очигледно се гласаше повеќе од локални теми. Ова беше малку посилен црвен картон, смета Ордановски.

Тој наведува дека Заев е единствениот кој себе се стави во ситуација да преземе одговорност за губење на локални избори.

– Тој предизвика нешто невидено досега. Тој донесе вредносен систем и разбра дека неговата политика е оценета како негативна и дека следува оставка. Ова не е секојдневно во македонската политика, рече Орданоски.