Орбан: Ќе има пресврт во целиот западен свет, тој целосно ќе се промени

Виктор Орбан / Фото EPA-EFE/OLIVIER MATTHYS

Целиот свет се соочува со огромни промени, а тоа во голема мера ќе биде поврзано со инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан за Радио Кошут.

Светот е на прагот на многу поголеми промени отколку што можеме да замислиме додаде Орбан.

Според него, овие промени ќе влијаат на целата западна цивилизација и „ќе се случуваат во долг временски период, во историски размери, од војна до мир“.

„Разговарав со Американци, Руси, Европејци, Турци и можам со сигурност да кажам дека кога новоизбраниот претседател на САД ќе ја преземе функцијата, светот ќе доживее огромен пресврт“, нагласи Орбан.

Тој оцени дека штом Трамп се врати во Белата куќа по неговата инаугурација на 20 јануари, „ќе дојде до пресврт на настаните низ западниот свет, тоа целосно ќе се промени пред нашите очи“.

Претходно, Орбан истакна дека и покрај тоа што мирот никогаш не бил поблиску кога станува збор за руско-украинскиот конфликт, ситуацијата, како што наведе, „никогаш не била толку опасна“ и оцени дека Трамп „ќе донесе мир“.

Некој сака Унгарија да биде мета

Орбан зборуваше и за својот предлог за прекин на огнот во конфликтот меѓу Русија и Украина, истакнувајќи дека Унгарија како дел од својата иницијатива предложила барем на Божиќ никој да не се бори на фронтот.

„Едната страна го прифати предлогот, додека другата се чини дека го отфрла, но има уште неколку дена до Божиќ, па се надеваме дека ситуацијата може да се промени“, рече Орбан.

Тој посочи дека има обиди да се вовлече Унгарија во конфликтот со ширење „лажни вести“ за наводна посета на сирискиот претседател Башар ал Асад на Будимпешта.

Унгарскиот премиер рече дека тоа е „најважната и најболна вест за оваа недела“, додавајќи дека таквите обиди да се вовлече Унгарија во конфликт се опасни и може да доведат до „крвопролевање“, како што се случи за време на миграциските бранови и терористичките напади во 2015 година. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот