Орбан бара оставка од потпретседателката на ЕК, ја навредувала Унгарија

Фото: EPA-EFE/MILAN KAMMERMAYER

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска побара оставка од потпретседателката на Европската комисија Вера Јурова поради „понижувачки изјави” за Унгарија.

– Според потпретседателката на Комисијата, во Унгарија е создадена „болна демократија” и дополнително ги навреди граѓаните на ЕУ од Унгарија кога рече дека не се во позиција да формираат независно мислење, рече Орбан во писмото до претседателот на Комисијата Урсула фон дер Лајен.

Тој во него нагласува дека изјавите на Јурова се „навредливи за Унгарија и Унгарците”.

– Овие тврдења не се само напад врз демократски избраната унгарска Влада, туку се навредливи за Унгарија и Унгарците, напиша Орбан и додаде дека изјавите на Јурова го кршат Лисабонскиот договор, според кој треба да биде неутрална и објективна.

Орбан рече дека Унгарија е подготвена да ги „прекине политичките односи” со европската комесарка, изјави денеска за МТИ неговиот портпарол Берталан Хаваси.

– Оние што го кршат договорот не се во состојба да дејствуваат како заштитници на владеењето на правото и европските вредности. Изјавите на потпретседателката не се во согласност со нејзината позиција и таа треба да поднесе оставка. Додека тоа не се случи, унгарската Влада ќе ги прекине билатералните политички врски со Вера Јурова, рече тој.

Орбан нагласи дека Унгарија „уште од влегувањето во ЕУ во 2004 година е посветена членка” и оти официјална Будимпешта „ја цени работата на претседателката Урсула фон дер Лајен на чело на Комисијата”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот