Општина Ѓорче Петров во моментов спроведува постапка за изработка до конечно донесување на ДУП за Градска четврт СЗ 16, со целосно почитување на одредбите на релевантната законска и подзаконска регулатива.
Со Предлог-решението на ДУП се планира развој на овој простор во кој е предвидено и домување во станбени згради, со решенија аналогни на претходно планираните и делумно изведени соседни четврти СЗ 15 и СЗ 18, како и соседниот комплекс Порта Влае. Ова, меѓу другото е одговорот од Општината на обвинувањата на Иницијативата против урбано дивеење, која ја обвини локалната власт за нетранспарентно носење на ДУП и побара ревидирање на плановите во кои се вцртани висококатници без соодветна инфраструктура и зеленило кај кружниот тек и кај пазарчето во Ѓорче Петров.
– Височините на планираните градби се условени од планскиот концепт и произлегуваат од повеќе параметри: усогласеност со зададените параметри од плановите од повисоко ниво, надоврзување со околната планирана и реализирана структура, обезбедување на соодветни меѓусебни растојанија на планираните и постојните градби, можност за целосно инфраструктурно опслужување на градбите и рационална искористеност на земјиштето – велат од Општина Ѓорче Петров.
Оттаму објаснуваат дека за сите планирани содржини во ДУП се планира и соодветна инфраструктура. Некогаш, како што велат, постојната инфраструктура е доволна за новите содржини, а некогаш треба надградба, што исто така се предвидува во самиот план. Од Општината нагласуваат дека при изработката на решенијата за инфраструктурата се бараат мислења од релевантните институции и дека се сослушуваат сите мислења од стручната јавност и од директно засегнатите граѓани, па доколку се оцени дека на одредени делови има можност за подобрување на решенијата, ќе бидат извршени и корекции.
Од Општината ги негираат и обвинувањата од Иницијативата дека плановите се носат нетранспарентно и во тајност и дека граѓаните не поднеле ниту еден анкетен лист затоа што не биле информирани дека се спроведува јавна анкета и презентација на ДУП СЗ 16. Соопштението за јавната анкета и јавната презентација било објавено во два дневни весници, а како што велат, истовремено било поставено и на влезовите во Секторот за урбанизам и на Одделението за просторно и урбанистичко планирање, како и на влезот на Домот на културата Ѓорче Петров, за целото времетраење на јавната анкета од 19.11 до 2.12.2020 година. Соопштението, како и самиот план, се објавени и на општинската веб-страница каде што се сѐ уште достапни за увид на јавноста.
– Во текот на јавната анкета поднесени се 20 анкетни листови, а на јавната презентација присуствуваа повеќе од 20 заинтересирани граѓани и претставници на инволвирани институции и органи. Посочуваме дека од заинтересираните граѓани: сопственици на земјиште и градби во рамките на четвртта, поднесени се 11 анкетни листови, од кои дури 10 се барања за предвидување на поголеми површини за градење со намена А2 – Домување во станбени згради и предвидување на поголеми височини за градење – објаснуваат од Ѓорче Петров.
Во планот е предвидено 14 хектари зеленило, но и ново училиште
Од Општината посочуваат дека во предложениот се планирани 8,31 хектари под зеленило (83 100 m²), што претставува над 20 отсто од површината на опфатот во рамки на регулационата линија на четвртта СЗ 16, а дополнително е зададен услов на сите градежни парцели да се почитува Законот за урбано зеленило, со одреден минимален процент на раззеленување на градежните парцели од 20отсто.
– Со тоа, вкупните планирани површини под зеленило изнесуваат 13,97 хектари (139 720 м²), што изнесува безмалку половина од вкупната површина на опфатот во рамки на регулационата линија на четвртта СЗ 16 – тврдат од Ѓорче Петров.
Оттаму додаваат во просторот е планирана површина и за ново основно училиште, а кое треба да ги покрие подрачјата на градските четврти СЗ 15, СЗ 16 и СЗ 18, како и на дел од СЗ 14.
Иницијатива против урбано дивеење: Не сакаме облакодери во Ѓорче Петров