Општина Тетово удавена во долгови, Касами парализиран

Билал Касами
Биљал Касами / Фото: МИА

Претходната градоначалничка не коментира, нејзината партија ДУИ го „советува“ Касами да поведе иницијативи до надлежните органи, а експерти за локална самоуправа потсетуваат дека претходните постапки за неодговорно и незаконско работење со општинските пари никогаш не дале резултат.

Општина Тетово е блокирана од повеќе од 430 извршители, има долг од 24 милиони евра и во моментов може да исплаќа само плати на вработените, зашто сите други сметки се блокирани – вели Билал Касами, новоизбраниот градоначалник на Тетово.

– Од вкупниот долг, 17,3 милиони се кон приватниот, а 6,7 кон јавниот сектор. Долгот на општината, односно на администрацијата е 14 милиони евра, долгот на Јавното комунално претпријатие е 9,7 милиони евра, долгот на Претпријатието за градски паркинг е 187 илјади евра, а долгот на училиштата 77 илјади евра – посочува Касами.

Претходната градоначалничка Теута Арифи не беше достапна да ги коментира овие обвинувања, а од нејзината партија ДУИ велат дека новиот градоначалник треба сите свои сомнежи за недомаќинско и неодговорно работење на општината да ги изнесе пред надлежните институции.

– Нека достават иницијатива до Антикорупциската комисија, до Обвинителството, до Судот. Да го зголемиме кредибилитетот на институциите и самиот процес на ваквите прашања – вели  првиот вицепремиер Артан Груби од редовите на ДУИ.

Катица Михајловиќ од Асоцијацијата за демократски иницијативи (АДИ), организација што веќе 26 години работи заедно со општините во насока на зајакнување на локалната демократија, вели дека незаконските дејства, неодговорното работење и немањето отчетност, ги акумулираа долговите на општините.

– Колку домаќински или недомаќински работеле општините, граѓаните секогаш  дознаваат по промената на власта во локалната самоуправа. Проблемот со долговите на општините цело време се става под тепих. Очигледно дека и по последното покривање на долговите на општините од државата во 2019 година, работите не се помрднале од мртвата точка, напротив дури и се влошиле – вели Михајловиќ за „Слободен печат“.

Таа вели дека одговорноста за незаконските дејства во локалната самоуправа мора да се детектираат и да бидат адресирани на конкретни поединци.

– Иако изминатите години ревизорите влегоа во поголем број општини и лоцираа многубројни законски прекршувања, сѐ уште не се преземени конкретни активности против ваквите дејства – потсетува Михајловиќ.

Политикологот Благојче Атанасоски вели дека во локалните самоуправи имаме целосна партизација, која на секои избори се заменува со друга. Тој се сомнева дека Касами ќе успее да се справи со проблемот на задолжувањето и со другите проблеми на Тетово, зашто ќе има опструкции од централната власт.

– За цели три децении ние не успеавме да изградиме ефикасна, ефективна и непартиска јавна администрација, а случајот со Општина Тетово е повеќе од еклатантен пример на „заробена институција“. За жал, колку и да е во право новиот градоначалник Касами, тој нема да ја направи Општина Тетово европска општина, туку повторно ќе ја пополни со свои партиски кадри – вели Атанасовски за „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот