Општина Тетово планира сите јавни претпријатија да ги менаџира приватен партнер, за да ги „извади од калта“ во која тонат

Фото: Слободен печат

На јавна дебата попладнево беше презентирана Физибилити студијата за јавно-приватно партнерство на „ЈП Градски паркинг-Тетово“.

Градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами, посочи дека влезот на приватниот партнер во јавното претпријатие, во услови кога тоа како и останатите јавни претпријатија не може да ја плати и комуналната такса кон општината, ќе придонесе за поуспешно функционирање, подобра услуга кон граѓаните, како и редовни и подобри плати за вработените.

„После оваа јавна дебата ќе дискутираме и во Советот на Општина Тетово, каде се надеваме дека ќе го поминеме и тој филтер, потоа ќе продолжиме со процедурите за избирање на приватен партнер, кој ќе продолжи со инвестирање во паркинзите во Тетово, со цел да имаме повеќе паркинг места. Имајќи предвид дека Тетово се уште е во тешка финансиска состојба и дека немаме којзнае каква поддршка од централните институции, ние се определивме за овој модел, да прибереме приватен капитал, со кој побрзо ќе можеме да ги решиме проблемите на граѓаните. Се предвидува да се инвестира во отворање на нови паркинг места, како затворени така и во делот на проширување на зонското паркирање, да се инвестира и во софтвер, со кој ќе имаме подобри услуги кон граѓаните, со што се надеваме дека ќе имаме придобивка и за општината и граѓаните оти една од условите на студијата е да се плати комунална такса за паркинзи, која и сега треба да ја плати јавното претпријатие, но поради ситуацијата во која се наоѓа, не е во состојба да ја реализира таа обврска. Дополнително ќе има и концесиска такса, која ќе се плати кон општината. Има значи неколку придобивки,а со тоа ќе имаме можност да инвестираме во паркинг места“, рече градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами.

Касами посочи дека најдобар модел е влез на приватен партнер во јавните претпријатија, со цел тие да работаат успешно, а не како сега во загуби и долгови.

„И Јавното комунално претпријатие во делот на менаџирање со отпадот, помина на Советот на Општина Тетово. Сега сме во фаза на дискусија, односно подготвуваме тендерска документација за да најдеме и за таму приватен партнер. Што се однесува за секторот вода и канализација тоа останува општинско претпријатие, но сигурно и за таму ќе се бара приватен партнер, поради тоа што и таму треба да се инсталираат водомери и да се реализираат други инвестиции. Јавното осветлување веќе е поминато на Советот на Општина Тетово и таму се оди во процедура на тендерирање. Во сите области каде ние гледаме дека може да привлечеме приватен капитал и да ги подобриме услугите кон граѓаните ќе бараме приватен партнер“, реча Касами.

Тој дополни дека со јавните-приватни партнерства, во никој случај нема да има откази на вработените во јавните претпријатија, напротив тие ќе земаат редовни и повисоки плати.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот