Општина Тетово од 1 јули ќе забрани движењe на меѓуградски автобуси внатре во градот

Билал Касами/ Фото општина Тетово
Билал Касами/ Фото општина Тетово

Заради непречено движење на јавниот градски превоз и ослободување на автобуските постојки од турканиците што се создаваат, Општина Тетово на територијата на градот од 1 јули им забранува движењe на транспортерите што сообраќаат и надвор од општината. Оттаму за „Слободен печат“ велат дека целта е да се избегне сообраќајниот хаос во градот, а транспортерите ќе можат да застануваат само на главната меѓуградска автобуска станица.

– Во координација со СВР Тетово, се договоривме на сите превозни возила што возат и надвор од Тетово, од 1 јули да им се забрани движењето внатре во градот – соопшти градоначалникот на Тетово, Билал Касами.

Тој ги повикаа и несовесните граѓанин да не ги блокираат автобуските постојки и да не се попречува слободното движење на граѓаните и на локалните автобуси.

– Ги увидовме проблемите со кои постојано се соочуваат возачите на автобуси –  блокирањето од несовесни граѓани со паркирање на постојките предвидени на јавен превоз и со тоа го спречуваат слободното движење на градските автобуси. Ги повикуваме да не блокираат, бидејќи тоа е во корист на сите – истакна Касами.

Од Секторот за внатрешни работи (СВР) Тетово соопштија дека за најавената забрана, Општината не се координирала со сообраќајните инспектори во полицијата.

– До овие служби не е доставено никакво писмено барање ниту известување за најавената забрана – изјави за „Слободен печат“ Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

Од општинскиот инспекторат за сообраќај одговорија дека не се обврзани да го информираат СВР Тетово за најавената забрана бидејќи, како што нагласуваат, полицијата треба да постапува според сообраќаната сигнализација која е поставена од 2013 година, а со која се забранува влегување на меѓуградските автобуси во градот.

– Општината поставила сигнализација во градот, со која е пропишано како треба да се движат меѓуградските автобуси низ градот. Полицијата треба да постапува според сигнализацијата, односно патоказите. Не може општината да ја информира полицијата за секоја поставена сигнализација, бидејќи таа се поставува врз основа на елаборат што е верифициран од полицијата. Полицијата треба да изрече казни ако некој од транспортерите не ја почитува одлуката за забрана од 1 јули – велат од тетовскиот општински инспекторат за сообраќај за „Слободен печат“.

Од туристичката агенција „Насир турс“, кои имаат автобуска линија на релација Скопје – Тетово – Гостивар, за „Слободен печат“ велат дека го добиле известувањето од Општина Тетово и ќе ја почитуваат одлуката, без разлика што таа може да е во нивна штета.

– Го добивме известувањето за забрана за влез во градот од Општина Тетово. Ова може да е одлука на наша штета, но ќе биде во интерес на граѓаните на Тетово. Сите сме навикнати да се возиме до пред врата, ова го нема никаде во светот – велат од „Насир турс“.

Некои од граѓаните се жалат дека оваа одлука ќе им предизвика дополнителни трошоци, бидејќи, како што велат, треба да најдат алтернативен превоз за да стигнат до главната автобуска станица. Меѓу нив има и такви што поради работни обврски секојдневно патуваат на релација Тетово – Гостивар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот