Општина Струмица на помош на трговците од ТЦ „Глобал” за проценка на штетите од пожарот
Сопствениците и корисниците на деловен простор кои претрпеа штети од пожарот во Трговскиот центар „Глобал” попладнево од Општинската комисија за проценка на штети од елементарни непогоди добија инструкции и насоки за пријавување и проценка на штетата, соопштија од локалната самоуправа.
ВИДЕО: Пожар во трговскиот центар „Глобал“ во Струмица, горат продавници, пожарникарите на терен
На средбата сопствениците и корисниците биле детално информирани за спроведување на законската постапка за поднесување барање за финансиска помош од државата.
– Според единствената методологија за проценка на штети од елементарни и други непогоди, правните лица сами ја проценуваат штетата формирајќи сопствена комисија. Пополнетите формулари ги доставуваат до Општинската комисија, која како збирен извештај го доставува до Советот на општина Струмица и по неговото усвојување ќе биде доставен до Републичката комисија за проценка на штети, а ќе биде даден на разгледување и во Бирото за судски вештачења, појаснија од Општината.
На средбата било заклучено Општина Струмица да им отстапи една просторија во општинската зграда на сопствениците и корисниците каде ќе можат заедно со членовите на Општинската комисија точно и навремено да ги пополнат формуларите.
Инаку, проценката на штетите ќе се одвива на три нивоа-штети на објекти, на основни средства и на трговска стока.