Општина Охрид: Проблемот со депонијата Буково мора да го реши државата

Депонија Буково / Фото: Фејсбук

Точно е дека охридската депонија е нестандардна и честопати гори, но тоа е поради несовесни поединци и немањето контрола од страна на надлежните институции, стои во одговорот на Општина Охрид во врска со последниот случај со палењето на депонијата Буково, за која УНЕСКО инсистира да биде затворена. Рокот за затворање, декември 2020, е одамна пробиен, но нова локација за депонија во Охридскиот регион се уште нема.

Охридската депонија Буково, која со денови гори, а отровниот чад се шири кон градот Охрид и неговата околина, во моментов ја гаснат екипите на јавното комунално претпријатие и таа треба целосно да биде изгасната за два до три дена. Палењето на депонијата Буково се повторува од година в година и тоа најчесто се случува во текот на летните месеци. Министерството за животна средина се иззема од одговорноста за состојбата со Буково, префрлајќи ја вината врз локалната самоуправа.

„Непостоење на регионална депонија е еден од најголемите проблеми на Југозападниот регион и истиот се провлекува со години наназад, бидејќи во неколку наврати не се изнајде соодветна локација за оваа намена“, велат од Општина Охрид, но, наведуваат, обврските за решавање на овој проблем се во надлежност на Министерството за животна средина.

Според Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион и препораките од УНЕСКО, депонијата Буково треба да биде затворена бидејќи истата претставува долгогодишен проблем и значително ја загадува животната средина.

Министерството за животна средина не дава конкретен одговор кога ќе изградат регионална депонија која ќе биде според светски стандарди и ќе го опслужува Охридскиот регион. Наместо тоа, оттаму излегоа со информација дека аплицирале за заем од ЕБОР заради изградба на регионален систем за управување со отпад, но повторно укажуваат дека обврската за управување со овој систем е на локалната самоуправа односно на здружените општини во регионот за управување со отпад. Од Министерство за екологија немаат ниту конкретен одговор кога државата планира да ја исполни превземената обврска од УНЕСКО за затворање на Буково.

Она што може да го превземе Општина Охрид, велат локалните власти, е подобрување на работата на самата депонија, но не располагаат со соодветна маханизација која е потребна за одржување на локацијата и токму поради тоа општината мора да ангажира фирма која ќе ги извршува активностите на терен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот