Општина Кисела Вода со забавни настани и промоција на проекти одбележува 67 години постоење

Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Општина Кисела Вода

Општина Кисела Вода со промоција на инфраструктурни проекти и низа културни и забавни активности го одбележува 67. роденден. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денеска во Утрински брифинг ги повика сите жители на Скопје да бидат дел од музичките настани во организација на општината.

– Освен што имаме музички дел, секојдневно најавуваме почнување на нови проекти или пак презентираме завршени проекти. Пред три дена го отворивме паркот Иднина на потегот помеѓу Кисела Вода и Припор, потоа ја завршивме фекалната канализација од 1350 метри во „11 Октомври“ Бараки, во Драчево асфалтиравме три улици, денеска завршуваме со асфалтирање на улици во Пржино и Црниче. За наредните денови ќе најавиме изградба на спорски објект и градинка, рече Ѓорѓиевски.

Денеска во паркот Македонија ќе настапат ди-џеј Оги, Теа Трајковска и ДНК, утре на локалитетот „Три круши“ ќе настапат Миле Кузмановски, Зуица Лазова и Наум Петрески, а во сабота во паркот „Расадник“ ќе настапат Боби Павловски и Жељко Самарџиќ.

Тој најави работно лето со реализација на сите започнати проекти, по што ќе одмора со семејството на некоја од плажите во соседството.

Видео на денот