Општина Кисела Вода се гордее со ДУП-от според кој ќе се изградат 100 згради

Фото: Слободен печат/Д. Митровски

Наместо да биде гордост за општината, како што се надевале советниците за просторно планирање од општина Кисела Вода, новиот урбанистички план на Општина Кисела Вода, според кој се предвидува изградба на 100 станбени објекти на површина од 8 хектари, наиде на критики и јавна осуда.

Советничката за просторно и урбанистичко планирање Ивана Зафировски, во интервју за Слободен печат зборува за предностите од донесувањето на новиот ДУП, и бенефитот кој граѓаните ќе го имаат од него.

Откако во јавноста излегоа деталите за урбанизацијата на Расадник, граѓаните остро го критикуваа новиот ДУП, кој помеѓу другото предвидува изградба на 100 станбени згради. На чија иницијатива се носи овој план и кој сака да бидат изградени толку згради во овој дел од Кисела Вода?

– Овој урбанистички план општината го донесе како иницијатива на општина Кисела Вода. Да биде урбанизиран бараат голем дел од жителите на општината како и сите сопственици на земјиште во тој опфат.

Колку згради и на колку ката се предвидени да се изградат на површина од 82 хектари?

– На 131 градежна парцела се планирани објекти со класа на намена А2- домување во станбени згради со просечна висина од 5 надземни нивоа.

Фото: Слободен печат/ Д. Митроски

Дали овој ДУП е во согласност со ГУП во однос на густината на население?

– Овој Детален урбанистичи план е во согласност со ГУП-от на Град Скопје и по планираната бруто изградена површина и по густината на жители планирана на овој опфат. Значајно е да се каже дека овој план на претходната јавна анкета во 2016 година бил изложен со вкупна планирана бруто површина од 1.200.000 метри квадратни, која го надминувала ГУП-от за два пати, сегашната планирана бруто површина е во согласност cо ГУП-от. Оваа промена се должи на тоа дека на површината на земјиште што е во сопственост на Република Македонија се планирани исклучиво површини за градење со намена за јавна употреба. Во овој опфат се планирани површини за нова детска градинка, основно училиште, средно училиште, поликлиника, парковски зеленила, пешачка патека со ширина од 20 метри и должина од 500 метри, спортски објекти, црква, две катни гаражи, плоштад и место за јавно паркирање под пешачката патека.

Фото: Слободен печат

Дали изградбата на сите овие објекти кои ги наброивте ќе значи и изградба на нова сообраќајна инфраструктура?

– Веднаш по изработката на ДУП-от, истиот беше пратен кај институциите на одобрување. Ние како општина ќе направиме се што е потребно за институциите да дадат позитивно мислење. Тоа значи дека ЈП Водовод и канализација нема да го одобри планот ако подземанта инфраструктура не е соодветна за приклучок на сите објекти на мрежата на водовот. Затоа ние ќе ги преземемe сите потребни активности за изградба на патна и подземна инфраструктура.

Меѓутоа, не само Водовод, ДУП-от ќе оди на одобрување и кај МОН, МТСП, Министерство за здравство, ЕВН, БЕГ и Министерство за животна средина. Доколку тие го одобрат граѓаните ќе немаат место за грижи бидејќи нивното одобрување ќе значи дека нема отстапки од прописите.

Фото:Слободен печат/ Д.Митрески

Меѓутоа, и претходниот ДУП доби одобрување од сите овие институции кои ги споменавте, а вие како администрација го поништивте. Ако не бил добар, како ги добил одобренијата од сите институции, и дали тоа значи дека и сегашниот ДУП ако ги добие одобренијата, граѓаните треба да го сфатат со резерва?

Фото: Слободен печат/ Д. Митрески

– Не можам да кажам како претходниот ДУП ги добил сите потребни одобренија, само можам да кажам дека стариот ДУП во рамки на истиот опфат од 82 хектара предвидел само 2% зеленило од вкупната површина на опфатот, за разлика од сегашните предвидени 30%, поделени на три паркови од кои најголемиот ќе биде со површина од 6.000 м2. Планирани биле 160 згради, од кои 20 на државно земјиште. Не само што не биле планирани поликлиника и парк, туку било планирано да се изгради и вкупна бруто станбена површина од 1.200.000 м2, што го надминува ГУП-от скоро два пати. Црквата била планирана да се изгради на само 1.300 м2.

И, за крај, дали до крајот на мандатот на градоначалникот Филип Темелковски очекувате да се реализираат овие градби?

– Да, што се однесува на објектите од јавен интерес. А за станбени згради не можам да кажам бидејќи нив ќе ги градат различни инвеститори кои ќе ги ангажираат сопствениците на парцелите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот