Општина Кисела Вода гради самоодржлив парк кај кружниот тек меѓу Припор и Кисела Вода

Фото: Општина Кисела Вода

За осветлување ќе се користат фотоволтаици, а за зелените површини ќе биде поставен систем за самонаводнување

Паркот „Иднина“ во Општина Кисела Вода кој во моментов се гради кај кружниот тек меѓу Припор и Кисела Вода ќе биде самоодржлив, најавуваат од оваа скопска општина.

– Следејќи ги најновите светски трендови, паркот, кој носи симболично име, „Иднина“, ќе биде самоодржлив. За осветлување ќе се користат фотоволтаици, а за зелените површини ќе биде поставен систем за самонаводнување – информираат од Општина Кисела Вода од каде што објаснуваат и дека работите на терен се одвиваат непречено а изградбата на паркот е во напредна фаза.

Имено, на терен се работи на оплеменувањето на просторот кој се протега на површина од 4.000 м2, а на кој, според најавите, по финализацијата на проектот, ќе се нудат најразлични содржини за сите генерации.

Покрај зеленило, дрвца, хортикултурно уредување, во паркот ќе има урбана опрема, клупи, летниковец, патеки за шетање, воден ѕид, a за најмладите ќе се изгради детско игралиште. На влезот, на јарбол ќе биде поставено македонското знаме.

– Ветувањата од предизборната кампања за мене се обврска. Непосредно до кружниот тек кај Припор, од неуреден и неосветлен простор, од депонија поради која сите ја вртеа главата настрана, оваа пролет граѓаните ќе добијат прекрасно урбано катче за одмор, рекреација и дружење. Внимававме да предвидиме содржини за сите генерации, а притоа за одржување на новиот парк да користиме обновливи извори на енергија, со што и заштедуваме и ја заштитуваме животната средина. Паркот „Иднина” е одговор на потребите и барањата на нашите жители. Како еден од првите реализирани проекти и остварени ветувања, тој ќе биде симбол на иднината што им ја ветивме на нашите сограѓани – изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот