Општина Кавадарци поделила над 3.000 новогодишни пакетчиња, најскапо ги платиле во Новаци – по 1.400 денари

Фото: МИА/илустрација

Државните и локалните институции за овие празници потрошиле вкупно 72 илјади евра за новогодишни пакетчиња – вкупно 57 институции имале ваква набавка, а 20 од нив распишале тендери, најчесто поради тоа што набавката чинела повеќе од илјада евра, велат од Центарот за граѓански комуникации.

Вкупната сума пари потрошени за пакетчиња за новата 2022 година изнесува точно 72.571 евра, но се очекува оваа вредност да биде уште поголема, имајќи предвид дека некои институци сѐ уште ги немаат објавено договорите и вредноста на потрошените пари за оваа намена.

На повеќе од две третини (68%) од тендерите за набавка на новогодишни пакетчиња била добиена само по една понуда, на помалку од една третина од тендерите имало по две или три понуди. Меѓу фирмите од кои се набавувани новогодишните пакетчиња убедливо води Колид од Колешино од каде се купени една четвртина од пакетчињата.

Најмногу пакетчиња, 3.274 купила Општина Кавадарци, иако со пониска поединечна цена. Блиску, според бројот на купени пакетчиња е и Општина Прилеп со 3.030. Најскапи пакетчиња, како и претходната година, и сега купила Општина Новаци, по 1.377 денари за едно пакетче. Вкупно најмногу пари за пакетчиња, односно околу 10.000 евра потрошил Град Скопје.

Некои институции купиле по неколку видови пакетчиња, поевтини и поскапи. Меѓу институциите кои купиле најскапи пакетчиња, покрај Општина Новаци спаѓаат и Општина Битола по цена од 1.050 денари, Град Скопје по цена од 973 денари, М-НАВ по 853 денари и Министерството за одбрана (МО) по цена од 840 денари. Просечната цена што институциите ја платиле за едно новогодишно пакетче изнесува 566 денари.

Сепак, поединечните цени и количините на купените новогодишни пакетчиња се познати само за оние институции кои имале тендер за оваа намена, но не и за останатите 37 кои купиле пакетчиња за пониска вкупна вредност од законскиот лимит за спроведување на тендер.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот