Општина Карпош: Направените штети многу тешко се санираат дури и по законски пат

Фото: архива

Според податоците и официјалната документација во Општината, и двете згради во Тафталиџе, чии фотографии деновиве предизвикаа жестоки реакции во јавноста, се изградени во согласност со урбанистички планови. Ова го тврдат од Општина Карпош откако на социјалните мрежи се појавија фотографии од две згради, каде се гледа дека новата, која е во фаза на изградба, се издигнува толку блиску до постарата, што соседите буквално си „дишат“ едни на други в лице.

Станува збор за згради на улицата Багдадска во Тафталиџе, а реакциите на граѓаните се полни со осуда што локалната власт дозволила ова да се случи.

– Првата зграда (лево од сликата) која веќе е вселена е изградена по стар урбанистички план, а зградата до неа (десно од сликата), исто така е изградена согласно  ДУП, кој е донесен на 3 март 2017 година, во мандатот на претходното општинско раководство. Очигледен факт е дека двете згради, со изградените балкони си попречуваат во нормалното живеење – велат од Општината.

Оттаму додаваат дека за жал, има повеќе вакви затекнати случаи во Карпош.

– Ова е непланска и агресивна урбанизација, која го загрозува правото на квалитетен живот на граѓаните. Ова е уште доказ дека веќе направените штети многу тешко се санираат дури и по законски пат. Општина Карпош денеска прави сѐ што може за да ги заштити интересите на граѓаните, а инвеститорите да градат исклучиво по важечките прописи и урбанистичка документација – додаваат од Карпош.

Сепак, на социјалните мрежи врие од реакции дека не запира урбанистичкиот хаос во Општината и дека работите не се ставени под контрола по безредието што го направи претходната власт со донесените ДУП, во кои е предвидена изградба на многу нови згради.

Група граѓани во понеделникот попладне одржа и протест на крстосницата кај „Веро“ во Тафталиџе, испровоцирани од повторната продажба на единствената слободна зелена парцела зад Пожарната во Карпош. Заради изградба на станбен објект од приземје, два ката и поткровје, Општина Карпош по пат на јавно наддавање продава државно земјиште во Тафталиџе. Станува збор за дел од КП 6100/2, 6103/1и 6097/4 во рамките на ДУП за Градска четврт 3 09, со површина на градежна парцела од 368 метри квадратни. Јавното наддавање, според објавата од Општината, треба да се одржи денеска, со почетна цена од 61 денар за метар квадратен. Оваа парцела беше објавена за продавање и во ноември, но од непознати причини тогаш продажбата не се реализираше.

Од „О2 иницијатива“ најавија дека и овој ДУП неделава ќе го дадат на оценување пред Уставниот суд.

Неодамна во интервју за „Слободен печат“ градоначалникот Стефан Богоев посочи дека во изминативе три години локалната власт се труди да обезбеди планска урбанизација за похумано живеење во Карпош.

– Со оглед на затекнатата ситуација и тоа како спречивме доуништување на урбаното јадро на Општината. Го заштитивме паркот на „Букурешка“ во Тафталиџе, трајно е заштитен делот околу салата „Партизан“ и самата сала, која свесно се оставаше да пропаѓа за да се задоволат интереси на урбаната мафија. Атрактивниот дел во должина на Кејот прераснува во спортско-рекреативна зона, спречивме ново урбанистичко злосторство во Тафталиџе 1 (околу ГУЦ), избришавме две маркички за згради од државно земјиште за да се остави простор за парковско зеленило и објект за државни институции – истакна, меѓу другото, градоначалникот Богоев во интервјуто.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот