Општина Гази Баба од 2012 до 2020 не уплатила 950 илјади евра за закуп на државно градежно земјиште

Општина Гази Баба/Фото МИА

 Општина Гази Баба од периодот на преземање на надлежноста од 2012, па до 2020 година, средствата по основ на отуѓување и давање под закуп на градежно земјиште сопственост на држвата ги уплаќа на несоодветна уплатна сметка, што резултирало со помалку приходи во државниот Буџетот во износ од 58,5 милиони денари, за сметка на поголеми приходи во буџетите на Општина Гази Баба и на Град Скопје. Истото се однесува и за наплатената договорна казна за непочитување на Законот за градежно земјиште од која причина во Буџетот на државата се уплатени помалку средства во износ од 1,2 милиони денари, соопшти денеска Државниот завод за ревизија.

ДЗР изврши ревизија на финансиските извештаи со ревизија на усогласеност за 2019 година на Општина Гази Баба, при што ревизорите констатирале слабости при примената на Законот за постапување со бесправно изградените објекти кои имаат влијание на остварените приходи по овој основ во Буџетот на Општината. Општина Гази Баба, наведува ДЗР, не изготвува годишни извештаи за користење на средствата од надоместот за утврдување на правен статус на бесправно изградените објекти и не ги доставува до Министерството за транспорт и врски.

Кај Општина Гази Баба, Советот на општината од 2017 година, па наваму ги нема усвоено Годишните планови за вработување предложени од градоначалникот, поради што во Општината нема можности и по заминување во пензија на лица кои се на клучни работни места, да се примаат нови лица, со што бројот на вработените во општинската администрација значително се намали. Оваа состојба придонела во Општина Гази Баба преку приватна агенција за вработување, да бидат ангажирани повеќе лица за извршување на работни задачи на редовни работни места согласно актот за систематизација кои не се пополнети, а дел од лицата работат на истите работни места подолго од две години што не е во согласност со Законот за приватните агенции за вработување.

Според ДЗР, констатирани се состојби на непочитување на одредбите од Законот за здруженија на граѓани и фондации и Законот за спорт.  Присутна е појавата без критериуми или без утврден максимален и минимален износ да се доделуваат средства на друштва и здруженија и спортски клубови.

Ревизорите утврдиле дека во Општината се присутни проблеми во делот на пописот на имотот и обврските, состојба која е актуелна со години и не овозможува усогласување на состојбата на средствата и обврските помеѓу сметководствената евиденција и фактичката состојба утврдена со пописот.

Во однос на капиталните инвестиции има појава на непочитување на одредбите од Законот за градење што најчесто се однесува на неизготвени извештаи за технички прием на градби или фазна градба, како и непочитување на одредбите од договорите.

Констатирани се и слабости во примената на Законот за јавни набавки на работи особено во делот на изготвувањето на техничката документација и предмер пресметката во случаите кога се применуваат единечни цени по позиции без да се содржани количини за изведба на работите при што не секогаш се обезбедува принципот на економична понуда.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот