Општина Центар усвои Стратегија за меѓуетничка интеграција во образованието

1 октомври 2020, Скопје / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Советот на Општина Центар на последната седница покрај останатите точки, ја усвои и Стратегијата за меѓуетничка интеграција во образованието и младинско учество на Општина Центар.

Стратегијата за меѓуетничка интеграција во образованието и младинско учество е изработена во рамки на националниот проект за Меѓуетничка интеграција на млади во образованието, што е поддржан од Министерството за образование и наука, финансиран од УСАИД, а го реализира Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО).

– Во првата фаза (во 2019 година), овој проект беше спроведен во вкупно 15 општини, а во 2020 година Општина Центар влезе во втората фаза, односно во следните 15 општини кои треба да ја изработат општинската Стратегија за меѓуетничка интеграција во образованието во траење од 5 години. Унапредувањето на мултикултурализмот и интеркултурализмот, меѓуетничката интеграција и сузбивањето на стереотипите и предрасудите се планираат во годишните програми за работа на училиштата, соопштија денеска од Општина Центар.

Стратегијата содржи конкретни задачи, мерки и проекти кои Одделението за образование на Општина Центар ги концепирало во соработка со училиштата, експерти од Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО) и менторска поддршка, посети и дискусии со претставници на Град Скопје.

Комисијата имала задача да изработи Стратегија на Општина Центар за меѓуетничка интеграција во образованието и младинско учество, како и Акциски план на Стратегијата, врз кој ќе се темелат акциските планови на основните училишта во општината. Истовремено, Комисијата ќе работи на обезбедување финансиска и логистичка поддршка, учество во реализацијата и следење на МИО активностите и младинските иницијативи во училиштата, информирање на јавноста, изработка на Годишни извештаи од имплементацијата на планот за мерење на постигнувањата во областа на интегрираното образование на подрачјето на општината и доставување на збирни извештаи до градоначалникот и Советот на Општина Центар.

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, предложил Нацрт – стратегијата за меѓуетничка интеграција во образованието и младинско учество да биде разгледана и во целост усвоена. Откако советниците ја изгласале, стои во соопштението, одлуката ќе биде објавена во Службен весник на РСМ и ќе стапи на сила и ќе започне со реализација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот