Општина Чаир контра Шилегов: Надвозникот на Бит пазар е добар, Шилегов да го затвори дивиот премин

Фото: Слободен печат/ Д. Митрески

Во обид да се реши хаосот околу Бит пазар општина Чаир во 2009 година го изгради пешачкиот мост кој ги поврзува двете страни на булеварот Крсте Петков- Мисирков. Сепак, голем број граѓани свесно одлучуваат да се изложат на опасност, па наместо да ги искачуваат скалите на мостот, претрчуваат преку улица, на необележан пешачки премин. Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, вчера ги повика надлежните во Општина Чаир да го затворат надвозникот, бидејќи бил неупотреблив. Во замена за тоа, како што рече Шилегов, Градот ќе исцрта пешачки премин.

Фото: Слободен печат/ Д. Митрески

„Слободен печат“ се обрати во општина Чаир, од каде што не информираа дека мостот е во функција и не гледаат причина истиот да биде затворен или пак отстранет. Од таму бараат Градот Скопје да го затвори нелегалниот премин, со цел да ги стимулира граѓаните уште повеќе да го користат мостот, или пак да обележи легален пешачки премин.

– Мостот не е пречка, за да не може да се обележи пешачки мост. Дивиот премин кој сега го користат граѓаните, уште повеќе ги стимулира да прават прекршоци и да не го користат мостот. Го слушнавме ставот на градоначалникот Шилегов, и може да кажеме дека двајцата градоначалници, Висар Ганиу и Петре Шилегов ќе бидат во координација, за да се достигне разумно решение, за безбедност на пешаците – ни одговорија од општина Чаир.

Фото: Слободен печат/ Д. Митрески

Екипата на „Слободен печат“ денеска беше на Бит пазар, каде што сретнавме голем број граѓани кои го користат нелегалниот премин. Откако ги прашавме зошто не го користат надвозникот, тие најмногу се пожалија на неработењето на лифтот и неможноста да ги искачат сите скали.

– Тешко ми е се ќесите во раце после пазарење да се качувам по скали за да преминам улица. Можеби помладите можат и треба да го користат мостот, ама јас не можам – вели еден повозрасен скопјанец.

Фото: Слободен печат/ Д. Митрески

Дел од сообраќајните експерти кои ги консултиравме сметаат дека кога има надвозник нема потреба да има и пешачки премин, бидејќи надвозникот треба да ги пренасочи граѓаните да го користат надвозникот за побезбедно поминување на сообраќајниците. Доколку ги има и двете, обично пешаците го ибегнуваат надвозникот, и преминуваат улица на пешачки премин. Надвозниците сепак, се подобри решенија, сметаат сообраќајните инженери.

Дека надвозниците во Скопје не ја оправдуваат намената за која се изградени говори токму и мостот „Влајко“ кој иако е функционален и осветлен, ретко кој го користи.

„Надвозникот Влајко е функционален, објектот е осветлен, а лифтот не работи. Граѓаните го користат надвозникот, а исто така општина Карпош има свои простории таму. Две канцеларии користат асистенти на пратеници од Собрание. Едната канцеларија од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, другата од Државна изборна комисија“, велат од општина Карпош.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот