Општина Центар контра вандалите – обезбедувачи ноќе ќе ги чуваат детските игралишта

За зголемување на степенот на безбедност на територија на општината, униформирани лица од агенција за обезбедување ќе вршат контроли и ќе водат евиденција за евентуалното уништување на реквизитите и оштетувања од друг карактер на седум локации во општината.

Еден од постојаните проблеми на локалните власти е како да ја зачуваат урбаната опрема што се поставува низ општините, во маалските паркчиња, па и во Градскиот парк, а особено на детските игралишта. Клацкалки со оштетени седишта, лулашки со искинати синџири, искршени лизгалки, па дури и откорнати реквизити е честа слика по детските игралишта, кои особено во вечерните часови се собиралиште на групи тинејџери, од кои некои несовесно се однесуваат кон опремата наменета за забава на најмладите.

Она што општинските власти постојано го прават е замена на реквизитите или целосна реконструкција на игралиштата, но вандализирањето честопати се случува веднаш по поставувањето на новите реквизити. Граѓаните, пак, одново и одново апелираат до општините и укажуваат на оштетените детски игралишта, барајќи надлежните да го средат уништеното – и така во круг. Притоа, поради негрижата на поединци, за поправање и замена на скршените и оштетени реквизити се трошат општински пари, кои можат да се наменат за други потреби доколку граѓаните посовесно се однесуваат кон јавните добра.

Општина Центар деновиве информираше дека презема конкретни чекори за заштита на детските игралишта од вандализирање, особено на оние што се најчесто на „удар“. Склучен е договор со Друштвото за обезбедување лица и имот „Екот гард“ за обезбедување и редовни патроли на детските игралишта и парковите во општината во ноќните часови. Вредноста на склучениот договор изнесува 1.982.000 денари, а е во времетраење од 1 година.

Во насока на зголемување на степенот на безбедност на територија на општината, униформирани лица од агенцијата за обезбедување ќе вршат контроли и ќе водат евиденција за евентуалното уништување на реквизитите и оштетувања од друг карактер. Општината ќе врши надзор врз работењето на обезбедувачите, патролите на игралиштата ќе се одвиваат секој ден, од 19:00 часот па сѐ до 7 часот наутро, а припадниците на обезбедувањето по потреба ќе бидат и во контакт со службеници од МВР – информираат од Општина Центар.

Оттаму објаснуваат дека овој чекор доаѓа по честото оштетување на реквизитите од страна на несовесни граѓани, кои намерно ги оштетуваат и ги уништуваат парковите и детските игралишта. Со обезбедување ќе бидат опфатени неколку локации, и тоа паркот „Капиштец“, детското игралиште кај ТЦ „Зебра“, игралиштето на плочникот кај поранешна „Агромеханика“, игралиштето кај кафе барот „Мистер Џек“, игралиштата во блоковите 3 и 9 од Градски ѕид и детското игралиште во населба Пролет.

На прашањето зошто токму тие локации, од Центар велат дека затоа што тие игралишта најчесто претрпуваат оштетувања.

 Седумте критични точки (детски игралишта и зелени површини/паркови) се избрани како локации со најмногу оштетувања и уништувања на зеленилото, реквизитите и останатата урбана опрема. Оштетувањата на игралиштата и парковите на годишно ниво ја чинат општината просечно од два до три милиони денари. Припадниците на ангажираната агенција за обезбедување покрај овие седум точки, патролираат и во близина на другите игралишта и паркови, а делуваат и на телефонски повик – објаснуваат од Општината.

Од Центар апелираат до сите граѓани штом ќе забележат какви било оштетувања и уништувања на реквизитите и на другите елементи на детските игралишта, да ги пријават на телефонскиот број 075 219 142, со цел спречување поголемо оштетување и овозможување брза и навремена замена на уништениот реквизит.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот