Општина Битола ќе издвои милион денари за пациентите со ретки болести

Фото: Слободен печат

Општина Битола, на предлог на градоначалникот Тони Коњановски, на следната седница со ребаланс на буџетот ќе издвои еден милион денари (околу 16.000 евра) за поддршка на луѓето со ретки болести од градот.

Ова денеска Коњановски го соопшти на работната средба со членовите на Здруженијата на лица со ретки болести од Битола, одржана со цел согледување на нивните потреби и проблемите со кои се соочуваат, како и овозможување на локална поддршка додека чекаат да се спроведат повеќе решенија на национално ниво.

Имајќи го предвид тоа дека за најголемиот број приоритети на луѓето со ретки болести надлежни се Владата и државните институции, пациентите со ретки болести или членови на нивните семејства со градоначалникот Коњановски разговараа за создавање можности потребната месечна терапија да ја подигнуваат од битолската Клиничка болница, наместо секој месец да патуваат во Скопје.

Како посебен проблем беше потенциран превозот – покрај финансиските трошоци, за лицата кај кои ретките болести предизвикале и физичка попреченост, тешкотии претставуваат и архитектонските бариери. Високата цена на ортопедските помагала е уште едно оптоварување за овие лица, кои очекуваат државата да им овозможи дополнителни поволности за набавка на помагала соодветни на потребите.

Градоначалникот Коњановски информираше дека општината, согласно својата надлежност, ќе продолжи да ги поддржува овие луѓе, како со конкретни мерки, така и со поддршка на нивните иницијативи испратени до Владата и надлежните министерства.

Според Коњановски, во Општина Битола се регистрирани околу 30 пациенти со ретки болести, а општината преку Програмата за социјална заштита во моментов овозможува финансиска помош за адаптација, изградба или поставување на инфраструктура за физичка пристапност за луѓе со попреченост во нивните домови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот