Општеството им должи општо прифаќање на лицата со аутизам

Расте бројот на лица со аутизам во Куманово, но сè уште нема точни податоци, велат стручните лица кои работат со оваа категорија граѓани во пресрет на утрешниот Меѓународен ден на свесност за аутизам. Тие препорачуваат заедницата, институциите, семејствата, системот да им пружи поддршка.

– Бројот на лица со аутизам се зголемува од година во година. Делумно од причина што постојат механизми за негова рана детекција, но сепак таа бројка е фрапантна. Се смета дека 0,6 проценти од популацијата е можно да има симптоми од аутистичен спектар што нè води до податокот дека само во Европа има околу пет милиони лица со симптоми на аутизам. Од вкупниот број, 0,5 отсто имаат натпросечни интелектуални способност и спаѓаат во групата на саванти – вели за МИА, дефектолог, д-р Милена Илиќ Пешиќ.

Како што појаснува, аутизмот е развојно нарушување што се појавува во првите три години од животот на детето и го зафаќа нормалниот развој на социјалните и на комуникациските вештини.

– Причините за појавата на аутизам не се точно познати и постојат многу теории за неговото настанување. Со рана дијагноза, правилна терапија и едукативна интервенција може да се намалат тешкотиите што ги имаат децата со аутизам, но тие секогаш ќе постојат во некоја мера. Лицето со аутизам, во зависност од нивото на попреченост, секогаш ќе има потреба од некоја форма на поддршка, вели Илиќ Пешиќ.

Лицата со аутизам покажуваат значителни тешкотии во три специфични области од нивниот развој, комуникација, социјални вештини, флексибилно однесување.

Во однос на комуникација, видот и степенот на потешкотиите се разликува од едно до друго лице. Лицата со аутизам потешко се изразуваат и потешко ги разбираат останатите луѓе, особено тешко ги разбираат апстрактните поими. Додека некои лица со аутизам можат да зборуваат прилично добро, други можат да покажуваат многу ограничена способност за комуникација и покрај нормалниот интелектуален развој. Дефектологот Пешиќ Илиќ, вели дека лицата со аутизам имаат значителни тешкотии во градењето врски и наидуваат на проблеми при разбирањето на социјалните правила за градење врски и интеракција со врсниците. Како резултат на тоа, тие можат да бидат индиферентни или да ги одбиваат луѓето кои настојуваат да стапат во контакт со нив. Доколку немаат помош од возрасните, децата со аутизам остануваат изолирани од луѓето и средината бидејќи другите деца се откажуваат од обидите да започнат интеракција или игра со нив, во училиште или на игралиште. Во однос на флексибилното однесување, лицата со аутизам имаат ригидно однесување и многу ограничен круг на интереси и активности. Тие сакаат да следат прецизни дневни активности. Можат да бидат многу приврзани за навидум обични предмети, како на пример камчиња, и да инсистираат да ги носат секаде со себе. Едно исто движење на телото може да се повторува постојано, како на пример движење на прстите или пак предметите да се користат на ограничен начин (редење моливи во еден ист редослед). Кога овие опсесивни активности или рутини ќе бидат неочекувано нарушени или променети, лицето станува вознемирено.

– Неодамна, разни популарни теории доведоа до поврзување на вакцината и развојот на аутизмот. Сепак, невозможно е со сигурност да се потврди, бидејќи има случаи на деца кои не биле вакцинирани на рана возраст, а страдаат од некои нарушувања кои се дел од аутистичниот спектар. Аутизмот доколку се дијагностицира што само по себе е сложен процес, останува за цел живот. Аутизмот не е болест туку состојба која со рана интервенција и правилен третман може да се подобри во сите сегменти на живеењето, вели Илиќ Пешиќ.

Светскиот ден на аутизмот беше прогласен од страна на Генералното собрание на Обединетите нации во 2007 година како годишен ден за да се привлече вниманието за итните потреби на лицата со аутизам ширум светот.

-Должност на едно општество е да ги прифати лицата со аутизам и да им ја даде сета неопходна помош и поддршка за да бидат во можност да го развијат својот потенцијал, заклучува Илиќ Пешиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот