Општата смрдеа од согорувањето ѓубре

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Во последниот број на неделникот „Фокус“ прочитав многу интересен текст на портпаролот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, колегата Наум Стоилковски. Во текстот тој ја проблематизира – веројатно со право – идејата на општина Неготино „да гори белосветски отровен смет“ на депонијата што се подготвува да се изгради на десетина километри од градот, во насока кон Криволак. Во текстот, да скратам, Стоилковски имплицира дека ќе се гори високо-загадувачки, забранет отпад кој би се увезувал и од Италија, а зад кој, наводно, стои добро познат и меѓународно документиран канал на големата италијанска мафија со отпад (извесни Пине Цезура и Серџо Гоца) која на европскиот континент полициски е гонета или осомничена во повеќе земји (Италија, Албанија, Романија, Бугарија, Германија итн.). Таков отпад, меѓу другото, вели Стоилковски, се гори во ТЕЦ „Брикел“ во Галабово, во соседна Бугарија.

Тука приказната станува неочекувано интересна. Не сум сигурен дали Стоилковски знае кој е сопственик на ТЕЦ „Брикел“ од Галабово? … Човекот се вика Христо Ковачки.

Во Македонија пошироката (а и „потесната“, сум проверувал!) јавност главно не знае кој е г. Христо Ковачки (57), докторанд на технички науки во Санкт Петерсбург и професор на московската Меѓународна славистичка академија. Тој е еден од најголемите бугарски бизнисмени со раширени интереси во енергетскиот и рударскиот сектор кај нашиот источен сосед, но и вон границите на Бугарија. Во 2008 година тој беше прогласен на 98 место на листата на најбогати луѓе во Централна и Источна Европа од страна на полскиот неделник „Впрост“, со проценет имот (пред десет години!) од 700 милиони евра. Меѓу другото (а списокот на „преплетот на црева“ од негови домашни и компании со адреси и во даночни раеви е многу долг), поседува 3-4 термо-електрични централи (меѓу кои и онаа во Галабово). Медиумите во Бугарија одамна се на ставот дека г. Ковачки, всушност, е шеф на една од најголемите бугарски, како да се каже, бизнис-политички формации… Ковачки, се разбира, има и своја политичка партија во Бугарија.

Така некако бидна – „пара на пара оди“, претпоставувам – македонскиот бизнисмен Орце Камчев да му е венчален кум на г. Ковачки, женет за познатата бугарска поп-фолк убавица и пејачка Десислава Ковачки. Добро, луѓето убаво се дружеле, соработувале, кумството логично следувало… Но, по избивањето на овдешната афера „Рекет“, во бугарските медиуми се тврдеше и дека токму бугарско обезбедување долго време се грижело за сигурноста на г. Камчев, пренесувајќи информации и „на другата страна“ од границата. Впрочем, г. Камчев упорно и долго рефлектираше на местото почесен бугарски конзул во Охрид, од што официјална Бугарија, се сеќавате, тивко се откажа среде избивањето на „Рекет“. За дел од бугарските бодигарди на Камчев се шпекулираше дека се бивши агенти на тамошните безбедносни служби и дека тие се, наводно, експертите кои помогнале, најмалку, во некои технички аспекти на компликуваната изведба на „Рекет“.

Во еден од снимените телефонски разговори Камчев, кој е и бугарски државјанин, му вели на Боки 13 дека испратил порака и „Бугарите веќе да не се мешаат“ – „Добро, тие се обидоа нешто, пријатели сме, пријател треба да проба, ама сега знаеме кој клуч ја отвора вратата“, вели Камчев. Бугарската држава тврдеше дека не биле контактирани и не биле вмешани во случајот. Најверојатно не, државата.

(Патем, бугарската држава летово изрече санкции токму за ТЕЦ „Брикел“ заради енормно загадување на тамошната животна средина, а и барем еден брод во пристаништето во Варна, натоварен со отпад од Италија наменет за горење во ТЕЦ-овите на Ковачки, беше „замрзнат“ од страна на бугарските власти.)

Во друг разговор и самиот Камчев му вели на Боки 13 дека на врвот од торбата со пари планирана за наводните рекетари „се надминал себеси, па одозгора ставил и бугарски весници“… Можеби веснициве останале од „оригиналното пакување“ на парите?

Занимливо, на крајот на онаа прва, августовска прес-конференција на тројцата македонски обвинители, посветена на „Рекет“, Љубомир Јовески („ниоткуда“) изјави дека „случајот не треба да се политизира или да се поврзува со учество на лица од други држави“. Обвинителството – кое не чита бугарски медиуми – стои на ставот дека во „Рекет“ се работи за јасни и докажливи, домашни, кривично-правни настани.

„Но, тоа не е сè!“… Текстот на Наум Стоилковски во „Фокус“ не е само потсетување на долгата правно-политичка сага за италијанските компании со отпад кои сакаа да влезат во бизнисот со ѓубре во Дрисла за време на претходната власт. За долгите италијанско-хрватски „опашки“ во оваа афера прилично е пишувано во Македонија. Којзнае на што сè, за ова, „нагазило“ и „покојното“ СЈО во своите истраги…

Сепак, по инспирацијата од Стоилковски, убаво би било да се навратиме уште 10-15 години наназад, за време на, можеби, првиот поголем скандал во кој беше вмешана владата на г. Груевски – бугарскиот пропаднат обид (по интервенција на американскиот Стејт Департмент), со фејк-канадска фирма, да се купи нашата ТЕЦ „Неготино“ – и тоа не само заради заработката од струјата што би се продавала од ТЕЦ-от, туку и заради погонското гориво (согорување на ѓубрето) што би се користело за производство на таа струја. Бизнис-модел „Две во едно“, каде човек не знае што е поприходно.

Елем, уште тогаш упатените тврдеа дека таа зделка со ВМРО-ДПМНЕ не била договарана после изборите во 2006 г., туку многу пред нив, со одредена предизборна „поддршка“ која стигнала од бизнис-политички формации во Бугарија за изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ. Има, дури, и една апокрифна сторија дека еден од водечките луѓе на Груевски по пропаѓањето на зделката со ТЕЦ „Неготино“ отишол со торба во Софија за да ја врати дадената „поддршка“, на што му било порачано дека така, со нив, не се прави бизнис, откако е сè договорено… Наводно, било и малку непријатно.

Зборот ми е, комплексни се бизнис-политичките фигури на господата Ковачки и Камчев на овие балкански простори… Треба да си, на пример, навистина голем будала, а и прилично алчен, така, аматерски, да фатиш вакви тешкаши „телефонски“ да рекетираш. Не знам на наводниве рекетари од каде им се јавила таквата камиказе-инспирација?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот