Општ хаос по оспорените резултати од изборите во Киргистан: Кога бандитството царува, дружиниките го чуваат редот

Накратко, во Киргистан е општ хаос. Влада нема, претседателот, кој практично и нема некаква власт, повторно прогласи вонредна состојба, но наместо полицијата и војската, каков-таков ред одржуваат народни милиции, организирани на локално ниво од мештаните.

Алмамбет Шикмаматов, лидер на партијата Бир Бол, се прогласи за јавен обвинител, но мораше да му ја предаде функцијата на член на друга партија, кој во Обвинителството пристигна со стотина луѓе со себе. На сличен начин беа принудени на оставки многумина градоначалници.

Група од 35 пратеници минатата недела успеаја да одржат вонредна седница – во хотел, зашто парламентот сѐ уште беше окупиран – и за премиер го прогласија поранешниот пратеник Жапаров, кој на сила беше ослободен од затвор, отслужувајќи казна за киднапирање.

Фото: EPA-EFE/IGOR KOVALENKO

Редот во Бишкек го одржуваат „дружиники“ – народни стражи од доброволци, кои се координираат преку социјални мрежи и добиваат храна и чај од мештаните.

Западни аналитичари укажуваат дека хаосот во Киргистан, но и ерменско-азербејџанската војна во Нагорно-Карабах, масовните протести и апсењата во Белорусија, па и труењето на Навални, се меѓусебно неповрзани епизоди што заедно говорат за стеснување на влијанието на Кремљ врз руските соседи и се дамка на имиџот на претседателот Владимир Путин како „тактички велемајстор на светската сцена“.

Во бурен период кога возбудливата изборна кампања во Америка се поклопи со пандемијата на коронавирусот, пламнаа и низа огнови и на Истокот, во регионот што е под огромно влијание на Русија. Во Нагорно-Карабах почна нова и особено крвава епизода од војната помеѓу Ерменија и Азербејџан, која всушност и никогаш не запрела откако овие две земји се осамостоија од Советскиот Сојуз. Во Белорусија, по децении мирно владеење на Александар Лукашенко, ненадејно избувнаа масовни и упорни протести против автократскиот режим. А, Европа најавува нови санкции за Русија поради сомневањата дека е отруен опозицискиот лидер Алексеј Навални.

Бишкек, Киргистан / 6 октомври 2020 / Фото: EFE/IGOR KOVALENKO

И додека овие три теми се неодминливи во дневниот печат, на маргините е потисната бурната есен во Киргистан, отаде Кавказот. Во оваа „демократска оаза во Централна Азија“, како што ја нарекуваат американските новинари, беа одржани избори, кои потоа беа поништени, толпа упадна во Парламентот, палеше огнови и фрлаше документи низ прозорци, поранешниот претседател беше ослободен од затвор, премиерот поднесе оставка и за негов наследник се прогласија низа довчерашни затвореници, владее силата, а редот го чуваат граѓани – сето тоа во период од само десетина дена.

Накратко, во Киргистан е општ хаос. Влада нема, претседателот, кој практично и нема некаква власт, повторно прогласи вонредна состојба, но наместо полицијата и војската, каков-таков ред одржуваат народни милиции, организирани на локално ниво од мештаните.

Од затвор на функција

Сѐ почна со парламентарните избори, на кои според официјалните резултати високиот изборен праг го поминаа три провладини и само една опозициска партија. Една од опозициските партии што не го помина прагот организираше масовен протест, тврдејќи дека изборите не биле фер и резултатите биле наместени. До крајот на денот група од неколку десетици демонстранти ги проби кордоните (кои и не се спротивставуваа многу), се прекачија преку оградата на парламентот, ја пробија челичната порта и буквално го зазедоа законодавниот дом, од чии прозорци беа фрлани документи и над кој се крена чад од запалени огнови.

Садир Жапаров / EPA-EFE/IGOR KOVALENKO

Претседателот Соронбај Жеенбеков повика на мир и веројатно по негово инсистирање Изборната комисија веќе следниот ден ги поништи резултатите од изборите. Но, еуфоријата од упадот во парламентот веќе се префрли низ целата земја, па по примерот на оние што пљачкосуваа во пратеничкиот дом, се намножија групи што непречено упаѓаа во јавни институции, дури и во затвори и полициски станици, назначуваа свои луѓе за претседавачи, министри и градоначалници.

Позициите, од локалните па сѐ до државните, ги приграбија оние со најсилни толпи зад себе. Алмамбет Шикмаматов, лидерот на партијата Бир Бол, се прогласи за јавен обвинител, но мораше да му ја предаде функцијата на член на друга партија, кој во Обвинителството пристигна со стотина луѓе со себе. На сличен начин на оставки беа принудени многумина градоначалници.

Бишкек, Киргистан / 5 октомври 2020 / Фото: EFE/IGOR KOVALENKO

Официјално премиер се уште е Кубатбек Боронов, кој иако се изгуби од политичката сцена, претседателот не ја прифатил неговата оставка.

За водечките позиции сега се борат и поранешни политичари што до 5 октомври беа во затвор. Толпа го ослободи поранешниот претседател Алмазбек Атамбаев, осуден поради корупција. Ослободен беше и Садир Жапаров, поранешен пратеник од националистичката партија Ата Журт, кој беше осуден на единаесет и пол години затвор поради киднапирање регионален гувернер во 2013 година.

Мелис Мирзакматов, озлогласениот поранешен градоначалник на Ош, вториот град според големина во Киргистан, се врати од егзил и почна да ги мобилизира своите приврзаници. Тројцата сега настојуваат да го искористат општиот хаос за да ја грабнат премиерската функција. На слобода сега се уште двајца поранешни премиери осудени на затворски казни поради корупција.

Секој ден нов премиер

Група од 35 пратеници минатата недела успеаја да одржат вонредна седница – во хотел, зашто парламентот сѐ уште беше окупиран – и за премиер го прогласија киднаперот Жапаров. Веќе следниот ден друга група одржа посебна седница и за премиер го прогласи Тилек Токтогазиев од спротивставена опозициска партија. Иако Киргистан од ден на ден добива нов премиер, никој од нив нема ни легитимитет ни влијание, освен врз толпата свои приврзаници.

Легитимитет ќе има оној што, според Уставот, ќе биде номиниран од партијата или коалицијата што има мнозинство во Парламентот и ќе добие доверба од 61 пратеник на седница отворена за јавноста.

Експертката за уставно право Санија Токтогазиева вели дека парламентот треба да одржи вонредна седница и да назначи влада што ќе ја управува земјата до одржувањето нови избори. Ако претседателот Жеенбеков одбива да се повлече, пратениците ќе покренат импичмент и за привремен шеф на државата ќе го назначат спикерот на парламентот.

Од друга страна, нема излез од кризата без активно учество на претседателот.

– Не смееме да го отпишеме Жеенбеков. Тој сѐ уште е шеф на државата. Тој самиот кажа дека е спремен да гарантира мирен и легален трансфер на власта. Оние што бараат отповикување не разбираат кон што води тоа. Тоа ќе резултира со бандитство, со локални цареви и правда за посилниот, вели Едил Бајсалов, амбасадор на Киргистан во Обединетото Кралство.

Московскиот аналитичар Аркадиј Дубнов, експерт за случувањата во Централна Азија, објаснува дека не треба да чуди тоа што за главните позиции се борат политичари што до пред една недела биле во затвор. Тој вели дека во Киргистан е сосема нормално со соборувањето на една гарнитура сите функционери да завршат зад решетки.

– Обвиненијата за криминал често пати се поврзани со политиката. Тешко е да се најде политичар што на каков било начин не е поврзан со криминал, вели Дубнов.

Претседателот Жеенбеков во понеделникот повторно прогласи вонредна состојба во Бишкек, која опфаќа полициски час од 20 до 7 часот и забрана за собири, јавни настани и рестрикции на движење. Пред виталните објекти во главниот град беа распоредени воени сили, но нема сигнали дали генералите му се лојални на претседателот, па ни дали има меѓусебно спротивставени команданти.

Дружиниките патролираат

Граѓаните немаат поим кој е на која позиција, па организираа локални координативни совети за да спроведат ред на улиците и да се обидат да дефинираат кој е на власт. Редот во Бишкек го одржуваат „дружиники“ – народни стражи од доброволци, кои се координираат преку социјални мрежи и добиваат храна и чај од мештаните. Тие патролираат по улиците, ги обезбедуваат продавниците, а направија и кордон пред резиденцијата на премиерот за да го спречат Жапаров и неговите приврзаници физички да ја преземат власта.

Бишкек, Киргистан / 6 октомври 2020 / Фото: EFE/IGOR KOVALENKO

– Во средата дојдоа многу луѓе и фрлаа камења. Ги следевме за да бидеме сигурни дека нема да има проблеми. Веројатно беа провокатори, кои сакаа да ограбат продавници. Тие не дискредитираат нас демонстрантите, кои протестиравме за чесни и фер избори, вели Талај Насирдинов од Реформската партија.

Тој вели дека стражите нема да можат да спречат хаос, ако се осилат и омасоват групите концентрирани околу политичките ликови што се борат за главните функции.

– Ако продолжи вака, никогаш нема да се договориме. Наместо еден змеј, претседателот Жеенбеков, сега имаме тројца или четворица, кои ќе не поделат врз основа на интересите. Се плашам од најлошото можно сценарио, граѓанска војна. Се плашам дека ќе ја изгубиме земјата, вели Насирдинов.

Киргистан војска
EPA-EFE/IGOR KOVALENKO

Реоните што се под надзор на дружиниките останаа мирни. Флуоресцентно-жолтите елеци на доброволците се впечатлив сигнал за вандалите да не приоѓаат.

– Нашата единствена цел е безбедноста. Ништо друго. Ја пополнуваме празнината што ја создадоа полицајците. Доаѓаа некои политичари, во обид да не привлечат, но ги одбивме. Немаме ништо со политиката, вели младиот компјутерџија Азамар Сапарали Улу во собирен шатор во кварт на Бишкек.

Куба Мизабеков се сомнева дека народните стражи ќе можат да го издржат притисокот од политичарите.

– Сега велат дека дружиниките се аполитични. Но, секој човек има свој политички став. Ова може да ги подели доброволците. Најдобро е да останеме подалеку од политиката. Кој сака да го изрази својот политички став, прво нека го соблече елекот, вели Мирзабеков.

Москва губи влијание

Територијата на денешен Киргистан била населена од киргиски племиња што пристигнале од Сибир. Во 18 век паднала под доминација на моќното Руско Царство, а потоа и на Советскиот Сојуз. Киргистан стекна независност при распаѓањето на СССР во 1991 година, но Русија се уште е воено присутна во стратегиска воздухопловна база. До 2014 година во Киргистан своја воена база имаа и САД, како логистичка поддршка за транспорт на трупи и опрема за воената операција во соседен Авганистан.

Иако е богата со нафта, гас и злато, земјата е сиромашна и увезува енергија, што е главната причина за корумпираноста на политичарите и незадоволството на граѓаните.

Наспроти хроничните востанија и затворските казни за корумпираните лидери, Киргистан важи за земја што чекори по патот на демократијата со експертска помош од Европа, САД и Јужна Кореја. Првиот претседател на независен Киргистан, Аскар Акајев, остана на власт до Лале-револуцијата во 2005 година. Пет години подоцна со масовни протести беше соборен од власта и претседателот Курманбек Бакијев.

Западни аналитичари укажуваат дека хаосот во Киргистан, но и ерменско-азербејџанската војна во Нагорно-Карабах, масовните протести и апсењата во Белорусија, па и труењето на Навални, се меѓусебно неповрзани епизоди што заедно говорат за стеснување на влијанието на Кремљ врз руските соседи и се дамка на имиџот на претседателот Владимир Путин како „тактички велемајстор на светската сцена“.

Демонстрантите упаднаа во Парламентот / Бишкек, Киргистан / 5 октомври 2020 / Фото: EFE/IGOR KOVALENKO

На протестите во Минск, Путин реагираше со склучување договори со Лукашенко во Москва. Само една недела пред изборите во Киргистан, Путин се сретна со претседателот Жеенбеков и му вети „дека ќе стори се за да го поддржи како шеф на државата“. А, за конфликтот во Нагорно-Карабах, Москва настојува да не зазема страна и да ги задржи добрите односи и со Ерменија и со Азербејџан.

Европа, од друга страна, се заканува со нов пакет санкции за Русија поради труењето на опозицискиот лидер Алексеј Навални. А и далеку од очите на пошироката јавност, во Хабаровск на Далечниот Исток, илјадници граѓани веќе 13 недели по реди протестираат поради приведувањето на популарниот гувернер Сергеј Фургал.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот