Опозициската Алтернатива со една нога во Владата

АФРИМ ГАШИ
Африм Гаши / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

По неуспешниот обид на опозицискиот блок, предводен од ВМРО-ДПМНЕ, да ја урне Владата, сега новите потези на премиерот Зоран Заев се реконструкција на неговиот кабинет и зголемување на парламентарното мнозинство со пратеници од опозициската Алтернатива.

Засилување на владејачкото мнозинство со опозициската Алтернатива и реконструкција на Владата – тоа се потезите што се очекува да ги преземе премиерот Зоран Заев по неуспешниот обид на опозицискиот блок, предводен од ВМРО-ДПМНЕ, да ја урне Владата. Алтернатива со една нога е влезена во Владата, ако се суди според изјавите на лидерот Африм Гаши, што ги даде по неуспешната собраниската седница за гласање недоверба на Владата. Опозицијата не успеа да собере 61 глас, откако пратеникот Кастриот Реџепи од Беса не се појави во парламентот.

– Сега имаме нова ситуација. Државата се наоѓа во тешка политичка криза, треба да се донесе буџетот и ни претстојат крупни политички чекори. Има два излеза од кризата – предвремени парламентарни избори или промена во парламентарното мнозинство. Деновиве партиските тела треба да одлучат ставајќи ги во прв план државните интереси – ни изјави пратеникот Скендер Реџепи.

Гаши вели дека е можно пратениците на Алтернатива да преминат во владејачкото мнозинство, ако имаат „силна потврда“ дека земјава наскоро ќе добие датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ.

Пресвртот на Алтернатива која само ден претходно беше меѓу потписниците за уривање на Владата, се толкува како одговорен потег, со цел земјава во декември да не го пропушти возот за ЕУ кога, како што велат од партијата, уривањето на Владата е завршена приказна. Кастриот Реџепи допрва ќе се изјасни како ќе дејствува во Собранието, а Беса од денеска е во опозиција. Доколку Алтернатива влезе во Владата на местото на Беса, мнозинството ќе се засили со четири пратеници и ќе има 63. Плус Кастриот Реџепи од Беса, доколку реши да стане дел од мнозинството.

Од Алтернатива брифираат дека не би се задоволиле ако го добијат Министерството за земјоделство, кое досега го раководеше Аријанит Хоџа од Беса. Очекуваат многу повеќе од тоа што го добила Беса, а ако станат дел од мнозинството, ќе ја раскинат коалицијата со Алијанса за Албанците на Зијадин Села.

Уште по поразот на локалните избори, висок функционер од СДСМ најави дека ќе има чистка и во партијата и во Владата, односно дека прашање на денови е реконструкција на владиниот кабинет. Засега не се открива колку министри ќе се збогуваат со функцијата. Информациите се дека паралелно ќе се одвиваат преговорите и со Алтернатива и за реконструкцијата на Владата. Неофицијално, доколку Алтернатива влезе во Владата, тоа ќе биде на сметка на министрите на СДСМ, а не на ДУИ.

Портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска рече дека е факт оти вчера се потврдило дека мнозинството пратеници се за напредок, за влез во ЕУ, за стабилни меѓуетнички односи и добри односи со соседите.

По неуспешната седница за гласање недоверба на Владата, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски порача дека најбрзото и наједноставно решение за излез од политичката, здравствената и од енергетската криза се предвремени избори во најкус можен рок. И пратеникот Драган Ковачки, на прашањето што доколку СДСМ обезбеди мнозинство во парламентот, вели дека резултатите од локалните избори покажале кој ја добил довербата од граѓаните и дека СДСМ е делегитимирана.

– Тие може да купат уште еден, два или три пратеника. Меѓутоа тие немаат кредибилитет да продолжат да владеат и затоа бараме брзи предвремени парламентарни избори – рече Ковачки.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот