Опозицијата има верба дека Киличдароглу конечно ќе го совлада Ердоган

Ударното трио - Киличдароглу со градоначалниците на Истанбул и на Анкара - Фотографија ЕПА, Неџати Саваш

Шесте партии од опозицискиот блок ги сметаат изборите на 14 мај за досега најголема шанса да го соборат Ердоган и неговата конзервативна и популистичка партија, но долго се колебаа дали да му се спротивстават со политичкиот ветеран што во изминатите две децении ги изгуби речиси сите изборни битки

Во обид конечно да го собори од власт претседателот Реџеп Таип Ердоган, турскиот широк опозициски фронт се обедини зад Кемал Киличдароглу, 74-годишниот лидер на Републиканската народна партија (ЏХП).

Шесте партии од опозицискиот блок ги сметаат изборите на 14 мај за досега најголема шанса да го соборат Ердоган и неговата конзервативна и популистичка партија, но долго се колебаа дали да му се спротивстават со политичкиот ветеран што во изминатите две децении ги изгуби речиси сите изборни битки.

Многумина инсистираа опозицијата да се обедини зад кандидат што веќе имал успех на избори – како градоначалниците на најголемите градови Истанбул и Анкара.

По тридневна дебата, партиите постигнаа компромисно решение – ако победат Киличдароглу ќе биде претседател, а популарните градоначалници на Анкара и на Истанбул ќе бидат негови заменици. И Киличдароглу може да се пофали со изборен успех, на локалните избори во 2019 година кога повеќе опозициски партии се здружија со неговата ЏХП и освоија повеќе гласови од владејачката Партија на развојот во речиси сите поголеми градови.

Доминантната позиција на Ердоган овој пат е разнишана од двегодишната економска криза и падот на вредноста на лирата, како и од критиките од јавноста за бавна реакција од властите за помош на настраданите од катастрофалниот земјотрес и за толерирање на градењето објекти без да бидат задоволени основните сеизмички стандарди.

– Ќе ја владееме Турција преку консултации и компромиси. Заедно ќе воспоставиме владеење на моралот и правдата – порача Киличдароглу откако беше избран за претседателски кандидат.

Противниците на неговата кандидатура тврдеа дека ветеранот ја нема харизмата на претседателот на митинзите и дека не претставил јасна визија како би изгледала Турција по Ердоган. Поборниците, пак, истакнуваат дека неговата најголема предност се чесноста и посветеноста.

– Тој има репутација на етички бирократ. Тој не е корумпиран. Тој не краде. Тој сака да ја заврши својата политичка кариера како човекот што ја обновил демократијата во Турција. Токму затоа тој е вистинскиот човек – вели за Ројтерс Гонул Тол, шефица на турската програма во вашингтонскиот Блискоисточен институт.

На 14 мај паралелно ќе се одржат и претседателски и парламентарни избори. Анкетите укажуваат на неизвесен исход на двата избора, но аналитичарите потсетуваат на способноста на Ердоган да привлече гласови во последен момент, што му помогна да извојува двоцифрен број победи на изборите во овој век. Резултатите од анкетите покажуваат дека наспроти протестите во врска со земјотресите, Ердоган го задржал рејтингот, особено по популистичката мерка за кревање на нивото на минималната плата.

Но, ретко кога тој се соочил со противкандидат зад кој е обединета опозицијата.

Економската криза му е силен адут на економистот Киличдароглу во новата рунда од дуелот со Ердоган. Во 2002 година, кога АКП на Ердоган дојде на власт, Киличдароглу беше избран за пратеник на секуларните републиканци, партијата основана од „Таткото на модерна турција“ Кемал Ататурк.

Киличдароглу водеше тивка и упорна војна против корупцијата и со фактите што ѝ ги претставуваше на јавноста придонесе за оставки на истакнати функционери вмешани во скандали.

Тој во 2009 година како кандидат ја загуби битката за градоначалник на Истанбул, а веќе од следната година е неприкосновен лидер на ЏХП. Во 2017 година тој го доби прекарот „Ганди Кемал“ кога по апсењето на опозициски пратеник тргна на протестен „Марш на правдината“ од Анкара до Истанбул. Со него на чело, сепак, републиканците не успеале да освојат повеќе од 25 отсто од гласовите.

Земјотресите како да беа сигнал за Киличдароглу да ја заостри предизборната реторика, што му помогна да ја анимира традиционалната база на републиканците, но и да го оддалечи од неопределените гласачи, кои се клучни за исходот.

– Во време на кризи, умерените и десничарските гласачи, кои сочинуваат 60 отсто од електоратот, очекуваат обединувачки пораки од политичарите. Киличдароглу не го стори тоа – смета политичкиот аналитичар и истражувач Незих Онур Куру.

Ердоган, пак, привикнат на победи, се очекува во кампањата да го претставува својот противкандидат како „губитник“, иако на последниот дуел во 2019 година Киличдароглу беше тој што ги прославуваше победите во Истанбул и во Анкара.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот