Опис и попис на отпишаните

Злате Лозановски
Злате Лозановски / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Добра вест: пописот почна. Ако сме токму, ќе им ја отвориме вратата на попишувачите, ќе им кажеме колку сме и, на крај, нема со години да спориме дали сме толку. Ако не сме токму, ќе го правиме спротивното – ќе ја затвориме вратата, нема никому да кажеме колку сме и, потоа, сите до бескрај ќе нагаѓаме дали сме толку колку што не сме.

Треба да изброиме (најмалку) до десет пред да решиме што ќе правиме и како ќе се однесуваме за време на најголемата и, како што велат, најважната статистичка операција во и за државата. Ако сакаме да се изразиме математички прецизно, може да кажеме дека има сто причини зошто треба да има попис и илјада начини како да се саботира неговото спроведување. Прашање е што ќе избереме, за што ќе покажеме поголема (политичка) волја. Дали, конечно, еднаш ќе се жртвуваме за државата – која слави триесет години независност и дваесет беспописност – така што ќе одвоиме триесет минути за попишувачите и ќе направиме нешто корисно за неа (што значи за сите) или, како и во изминативе триесет години, ќе ја жртвуваме државата така што следниве триесет дена ќе не снема и, следствено, ќе направиме нешто штетно за неа (што значи за сите).

Ако сакаме да бидеме држава – не само во теорија и во свечени говори – ако сакаме воопшто да не има, тогаш мора да се држиме до правилата и до обврските што важат за сите и да направиме нешто во пракса, колку и да ни е тешко, што го прават и што ги дефинира другите држави во светот. Попис, во случајов. Ако сакаме да се држиме до дефиницијата „ова не е држава“ или до констатацијата „не не бива“, ако сакаме да не нема, тогаш многу полесно ќе го направиме тоа што практично не го прави никој никаде и во ниедна сериозна, цивилизирана држава. Во случајов, ќе го бојкотираме пописот.

Познатиот (од Википедија) старогрчки филозоф Питагора тврдел дека во основата на светот е бројот, дека се може да се претстави преку бројот и дека за да ги запознаеме нештата и појавите треба го знаеме нивниот број. Денес, 2.600 години по неговата смрт и на најголемиот лаик му е јасно дека светот е претворен во број и функционира низ бројки. Пребројувањето, значи операцијата за претворање на се живо – и на се друго – во број решено е во наредниве 25 дена да се одвива под слоганот: „Ти си повеќе од бројка, учествувај!“

Ако навистина сме нешто повеќе од бројка, тогаш нема толку лесно да ги прифатиме аргументите дека пописот е ризичен за здравјето и на попишувачите и на населението. Нема да гледаме храброст или, уште повеќе, херојство во заканите од типот – кај мене нема да припари попишувач, уште помалку невакциниран, што ги шират главно антиваксери, кои се поопасни за сопственото и за јавното здравје од сите други заедно, вклучително и попишувачите. (Не пребројуваме секој ден мртви и заразени поради тоа што правиме попис, туку поради тоа што не правиме ништо што пропишала државата за да си го заштитиме здравјето). Ако не сме само бројка, нема да помине пораката – јас сакам, ама не верувам дека ќе имаме успешен попис, што ја пласираат високи партиски функционери, главно од опозицијата, зашто таа „дилема“ е лажна, цинична и штетна (штом не верува, сигурно нема да успее). Ако не сме само бројка, нема да дозволиме да ни се повтори скандалот од пред десет години, кога само двајца – Никола Груевски и Али Ахмети – решија да го прекинат пописот на сите, зашто процениле дека не им одговараат бројките. Ако не сме само бројка, нема да прифатиме дека станува збор за политичка операција во служба на власта, поточно на владејачките партии – колку и да е трагично точно дека партијата и државата се едно – зашто така нема никогаш да и дадеме ни почетна шанса на државата да покаже дека постои, дека во неа има и уште нешто што не е власт. Ако сме повеќе од бројка, ќе се спротивставиме на обидите пописот да биде искористен како уште една прилика за ширење меѓуетничка омраза, за одземање права, за попишување крвни зрнца. Ако не сме само бројка, ќе размислиме зошто само еден ден по објавувањето на листата за чекање термин за да се аплицира за работа во Германија била пренатрупана со барања (50.000 прегледи за пет илјади места).

Ако не сме само бројка, тогаш свесно, одговорно и доброволно, во интерес на оваа (каква-таква) држава ќе прифатиме да бидеме, да станеме, бројка корисна за сите. Зашто, ако ништо друго, пописот може да ни покаже колку навистина не нема.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот